Македонија
ЗНМ: Осуда за обидот за цензура од страна на директорката на Клиниката за токсикологија
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Бесија Иљази, организациски директор на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Според денешната пријава од членови на ЗНМ, на влезот на Клиниката за токсикологија во Скопје јавно била истакната наредба со која им се забранува на вработените да имаат контакти со новинари или медиуми.

Во наредбата од 20.5.2024 година се вели дека во согласност со член 30 и 31 од статутот на ЈЗУ Клиника за токсикологија – Скопје се забранува неовластено присуство, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, со што би се нанело штета на интересите и угледот на клиниката.
Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ.
Јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес.
Новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс, кој јасно наведува дека новинарот ќе ги почитува законите, но нема да објави или скрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес, велат од ЗНМ.
ЗНМ формално ќе се обрати до ресорното министерство и ќе бара одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба. Дополнително, ЗНМ ќе инсистира за итно повлекување на наредбата и на воспоставување транспарентност во работењето на клиниката, со цел да се осигурат слободата на говор и правото на новинарите да информираат за прашања од јавен интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

