Свет
Стотици илјади луѓе на улиците на Техеран, Хамнеи води молитва за Раиси
Стотици илјади луѓе се собраа утрово на улиците на Техеран за да присуствуваат на погребот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други официјални лица кои загинаа во хеликоптерска несреќа, пренесува ИРНА.
Гувернерот на Техеран Алиреза Фахари објави дека иранската престолнина е добро подготвена да одржи „величествена“ погребна поворка за да се збогува со претседателот Раиси и другите официјални лица кои загинаа во хеликоптерска несреќа на 19 мај во северозападниот дел на земјата.
Врховниот водач на Иран, ајатолахот Сејед Али Хамнеи ќе води молитва за починатиот претседател и неговата придружба на Универзитетот во Техеран, рече Фахари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД најавија нов пакет воена помош за Украина
Владата на Соединетите Американски Држави најави голем нов пакет одбранбена помош за Украина, кој ќе вклучува ракети за системи ХИМАРС, противвоздушни пресретнувачи, артилериски гранати и друго оружје, соопшти денеска портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
„Американската администрација најавува доделување на нов значаен пакет помош за Украина во областа на безбедноста. САД продолжуваат да ја поддржуваат одбраната на Украина од инвазијата на Руската Федерација“, рече таа на брифинг со новинарите, пренесува Укринформ.
Портпаролката на Белата куќа не ја прецизираше вкупната вредност на новата транша помош, но нагласи дека тоа е седмиот пакет што САД го доделуваат откако американскиот претседател Џозеф Бајден го потпиша законот со дополнителни средства за потребите на националната безбедност во април.
Свет
Кремљ: Ердоган не може да биде посредник во разговорите меѓу Русија и Украина
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не може да биде посредник во преговорите меѓу Русија и Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не, не е можно“, беше одговорот на Песков на новинарско прашање дали Ердоган може да посредува во разговорите меѓу Москва и Киев, но тој потврди дека на денешната средба меѓу Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин „се зборувало за Украина “, пренесува РИА.
Путин и Ердоган разговараа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Казахстан.
Регион
На Фејсбук е објавено лажно видео од премиерот Вучевиќ, реагираат надлежните органи
На социјалната мрежа Фејсбук се појави лажен видео клип, или непостоечка изјава на премиерот на Србија Милош Вучевиќ, соопштија од Кабинетот на премиерот.
Како што беше најавено, вештачката интелигенција креирала непостоечка изјава на премиерот Милош Вучевиќ на сметката „Corvus01“ во која е злоупотребена неговата слика, додека со генериран глас се објавуваат податоци за непостоечки владини проекти.
Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници на техничката управа на СБПВТК, контактирале со компанијата Мета за да ги отстранат споменатите објави и да дадат информации за администраторот на сметката.