Свет
Норвешка денеска ќе објави дека ќе ја признае палестинската независност, пишуваат медиуми

Владата на Норвешка денеска ќе објави дека нордиската земја ја признава независната палестинска држава, објавија норвешкиот јавен сервис НРК и дневниот весник Афтенпостен, повикувајќи се на неименувани извори.
Норвешкото Министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето за коментар, објави Ројтерс.
Владата на Ирска денеска ќе објави и признавање на палестинската држава, изјави синоќа извор запознаен со ова прашање, потсетува британската агенција.
Членките на Европската унија, Ирска, Шпанија, Словенија и Малта во последните недели посочија дека планираат признавање, тврдејќи дека решението со две држави е клучно за траен мир во регионот.
Во вторникот Норвешка стана првата европска земја која соопшти дека ќе го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог по него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кукаст крст откриен за време на тајно гласање во германскиот парламент

За време на тајно гласање во парламентот на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг, на едно гласачко ливче бил откриен нацистички симбол, таканаречениот „Хакенкројц“, односно нацистичкиот крст. Инцидентот предизвика шок и негодување кај пратениците и го покрена прашањето за безбедноста и етиката на парламентарните процедури, пишува списанието „Феникс“.
Претседателката на Ландтагот, Мухтерем Арас од Зелената партија, остро го осуди инцидентот. „Тоа е под секое ниво. Срамота е за овој парламент“, рече Арас, додавајќи дека тоа е кривично дело бидејќи ваквите симболи се забранети со уставот во Германија.
Таа исто така спомена дека не било можно да се открие сторителот бидејќи гласањето било тајно. Десничарската партија АфД, која ги имаше своите кандидати на гласачкото ливче, веднаш се огласи и се дистанцира од настанот. „Остро отфрламе каква било поврзаност со овој чин“, рече Мигел Клаус, пратеник од АфД. Тој, исто така, ја критикуваше претседателката Арас, наведувајќи дека таа „сугестивно имплицирала“ поврзаност на неговата партија со инцидентот.
Од друга страна, СПД реагираше уште поостро. Парламентарниот секретар Саша Биндер побара одговорност. „Кој и да го сторил ова не е достоен за ова место и треба веднаш да го врати мандатот. Тоа е апсолутно одвратно“, рече Биндер.
Фото: принтскрин
Свет
Аракчи: Иран ќе го брани своето право да збогатува ураниум

Иран ќе ги брани своите права врз нуклеарната програма, вклучително и збогатувањето ураниум, на разговорите закажани за петок со Франција, Велика Британија и Германија (Е3), изјави денес министерот за надворешни работи на земјата, Абас Аракчи.
Министерот во видео објавено денес од државните медиуми во Иран изјави дека земјата секогаш е подготвена да ја унапреди својата нуклеарна програма на логичен начин, со цел да ги увери земјите кои можеби имаат загриженост, пренесува Ројтерс.
Договорот за одржување состанок на претставници на Иран, Велика Британија, Франција и Германија во Истанбул беше постигнат по предупредувањето на овие три европски земји дека неуспехот да се продолжат преговорите ќе доведе до повторно воведување на меѓународни санкции врз Иран, пренесува Танјуг.
Како што претходно беше најавено, состанокот на претставници на Иран и Е3 ќе се одржи на ниво на заменик-министри за надворешни работи.
Фото: принтскрин
Регион
На улиците во Атина температурата е повисока од 70 степени

Грците стоички го поднесуваат топлотниот бран кој, според метеоролозите, ја „пржи“ земјата и кој ќе трае до крајот на неделата. Улиците се пусти, животот како да замрел, на плажите, што ретко се гледа, речиси и да нема капачи, пишуваат медиумите во регионот.
Моментално, според написите, постои опасност од пожар на Халкидики, Тасос и Евија, а воведени се посебни мерки за заштита на локалното население и туристите.
Вчера, во раните утрински часови, термалните камери веќе регистрираа температура од над 70 степени на асфалтот и зградите во Атина. Акрополо како главна атракција во Атина е затворена за посета од 12:00 до 17:00 часот. Улиците се исто така пусти, има многу помалку сообраќај, туристите се ограничуваат на прошетки низ тесните улички и посета на Националниот парк. Грчките власти отворија во секоја општина јавен простор со климатизација каде што жителите и гостите можат да се заштитат од топлината, на некои места во центарот, особено на Синтагма, се делат шишиња со вода. Сите работи на отворено се забранети, работата на службите за брза достава е ограничена.
Топлотниот бран ја зафати целата земја, а опасноста од пожари е зголемена, особено во таканаречените портокалови зони кои моментално се прогласени во централна Грција, источен Пелопонез и јужните острови. Сепак, се стравува дека ветерот ќе се засили кон крајот на неделата, што би можело да предизвика нови пожари. Досега се регистрирани 40 пожари дневно, најдраматичен беше во Коринт, каде што во изминатите два дена изгореа 1.200 хектари борова шума и десетина куќи, населението беше евакуирано од шест општини, од кои Кастања беше најтешко погодена, според написите.
Фото: принтскрин