Свет
„Се вклучи знакот за сигурносниот појас и тогаш започна пекол“: патниците за турбулентниот лет во кој загина еден патник
Патниците на летот на Сингапур ерлајнс кој го погодија силни турбуленции, во кои еден патник загина, а седуммина беа тешко повредени, утрово конечно пристигнаа во Сингапур. Авионот на Сингапур ерлајнс кој полета вчера од лондонскиот аеродром Хитроу наиде на силни турбуленции по 11 часа лет.
Авионот влегол во таканаречениот „воздушен џеб“ во воздушниот простор на Тајланд. Еден 73-годишен маж почина, под сомнение за срцев удар, а најмалку 30 лица се повредени, од кои седум потешко.
Британските медиуми јавуваат дека Британецот Џеф Кичен починал за време на летот. Боингот 777-300ER летал на височина од 11.280 метри пред да падне од 1.830 метри за околу три минути, според податоците на летот. Патниците рекоа дека се чувствуваат како да се во пекол.
„На почетокот летот беше сосема нормален“, рече Ендрју Дејвис, кој патуваше за Нов Зеланд. Многу патници појадувале кога почнале турбуленциите. „Гледав филм кога видов како се појави знакот за појасот. Фала му на Бога што се приковав бидејќи неколку моменти подоцна беше како пекол“, изјави Дејвис за Си-Ен-Ен.
„Авионот ненадејно како да се сруши. Веројатно траеше само неколку секунди, но видов чевли, мобилни телефони, чаши и чинии како летаат во воздух и удираа во таванот“, додаде тој.
Дејвис седнал пред човекот кој го загубил животот и видел што се случува со Џеф Кичен. „Тој седеше веднаш зад мене. На многу луѓе им требаше помош и се грижевме за него. Го извлековме од седиштето и го легнавме на подот за болничарите да го оживеат”, рекол тој.
„Тие правеа CPR околу 20 минути. Кога се свртев наоколу, видов патничка со голем рани на главата, крв што и течеше по лицето”, додаде Дејвис. 28-годишниот студент Јафран Азмир изјави за Ројтерс дека авионот почнал да се навалува и да се тресе.
„Авионот ненадејно како да се сруши, па сите што немаа време да го стават појасот полетаа кон таванот. Некои удираа со главите во кабините за багаж, а некои на делот каде што има светла и маски“, изјави Азмир. „Сè се случи многу, многу брзо. Затоа мислам дека никој не може да одговара за тоа. Луѓето немаа време да реагираат. Кога почнаа турбуленциите, екипажот сè уште стоеше, а некои патници беа во тоалетот,”, раскажа тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон и Мелони предлагаат разговори со Путин, Стармер не сака
Британскиот премиер Кир Стармер „нема планови“ да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, како што предложија францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, изјави денес портпарол на Даунинг стрит.
„Премиерот нема планови да разговара со претседателот Путин. Неговата цел е јасно да ја поддржи Украина во постигнувањето праведен и траен мир и да ја стави земјата во најсилната можна позиција да ја продолжи борбата и да се движи кон мировни разговори“, изјави портпаролот за новинарите.
Портпаролот додаде дека рускиот претседател „досега не покажал знаци“ дека сака да ја заврши војната во Украина. Тој исто така нагласи дека британската влада има „редовен“ контакт со руската влада, особено преку нејзината амбасада во Москва.
Кремљ претходно го оцени како „позитивен“ фактот што некои европски земји изразија подготвеност да го продолжат дијалогот прекинат по почетокот на рускиот напад врз Украина во 2022 година. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ја критикуваше позицијата на Обединетото Кралство, велејќи дека „засега останува на радикални позиции“ и „не сака да придонесе за воспоставување мир“.
„Ставот на Лондон е деструктивен по природа“, рече Песков.
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, изјави на почетокот на јануари дека „дојде време кога Европа треба да разговара и со Русија“, залагајќи се за европски „специјален претставник“ кој ќе им овозможи да зборуваат со еден глас.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, во декември 2025 година изјави дека Европејците „ќе имаат корист од повторното разговарање со Владимир Путин“ како дел од „сеопфатен дијалог со Русија“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди во средата дека „наоѓањето долгорочна рамнотежа со Русија“ ќе ѝ овозможи на Европската Унија „да гледа кон иднината со поголема доверба“.
Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп го обнови контактот со својот руски колега, застапниците на обновениот дијалог тврдат дека Европа, останувајќи настрана, ризикува да биде ништо повеќе од адут за преговарање во евентуално политичко решение за војната во Украина и, пошироко, во обновувањето на односите меѓу САД и Русија.
фото/епа

