Свет
Кинеската армија го опколи Тајван, почнаа воените вежби: „Ова е казна за сепаратистичките потези“
Источната команда на Народноослободителната војска на Кина соопшти дека почнала заеднички воени вежби во кои учествуваат армијата, морнарицата, воздушните сили и ракетните сили.
Кина почна нови дводневни воени вежби околу Тајван, со цел, како што рекоа, „да ги казнат за сепаратистичките потези“. Сето ова го почнаа неколку дена по заклетвата на претседателот. Вежбите, кои почнаа рано во четвртокот и ќе го опкружат Тајван, се првиот вистински тест за Лаи Чинг во справувањето со екстремно лошите односи со Кина откога тој ја презеде функцијата нов претседател во понеделникот. Кинеската влада тврди дека Тајван е дел од нејзината територија и покрај тоа што никогаш не го контролирала, пренесува Си-ен-ен.
Полковникот Ли Кси, портпарол на командата, ги нарече вежбите „силна казна за сепаратистичките акти на силите за независност на Тајван и сериозно предупредување против мешањето и провокациите на странските сили“.
Лаи, кој го почна својот трет последователен мандат, Пекинг го карактеризира како опасен сепаратист поради застапувањето на суверенитетот и посебниот идентитет на Тајван. Пекинг го осуди инаугуративниот говор на Лаи за време на кој тој ја повика Кина да престане да го заплашува Тајван.
Во соопштението во четвртокот тајванското Министерство за одбрана рече дека испратило поморски, воздушни и копнени сили за да одговорат на кинеските вежби. Тие изразија жалење за „ваквите ирационални провокации и акции, кои го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“, пренесува „24 часа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Украинците го дигнаа во воздух „Северен тек“, а сега го затворија и нафтоводот „Дружба“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Украинците се одговорни за моменталното затворање на нафтоводот „Дружба“, нарекувајќи го „непријателски чин“ против Унгарија.
„Оние што го дигнаа во воздух Северен тек сега го затворија нафтоводот „Дружба“: Украинците“, рече Орбан на прес-конференција во Вашингтон, по инаугуративниот состанок на Комитетот за мир.
Тој додаде дека, според Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина, украинските дејствија не смеат да ја загрозат енергетската безбедност на која било земја-членка на ЕУ.
Орбан нагласи дека Брисел мора да застане на страната на Унгарија и Словачка, членки на ЕУ, и да ја заштити нивната енергетска безбедност, објави МТИ.
Унгарскиот премиер изјави дека иако Северен тек претходно беше уништен во нападот, „Дружба“ сега е оневозможена, така што Украина „одржува монопол врз снабдувањето со нафта и гас за Европа“.
Според него, обидите на Украина да предизвика хаос во снабдувањето со енергија претставуваат тероризам спонзориран од државата.
Орбан истакна дека Унгарија има право да се потпира на алтернативни патишта, вклучително и снабдување преку Јадранскиот гасовод, и дека владата ќе преземе контрамерки за да обезбеди снабдување со енергија до априлските избори.
Меѓу мерките е координацијата со Словачка и одржувањето на снабдувањето со бензин и нафта по претходните цени, како и евентуално блокирање на снабдувањето на Украина преку унгарска територија.
„Не се закануваме и не би сакал да брзам, но значителна количина украинска електрична енергија тече и низ Унгарија“, рече Орбан.
Тој додаде дека додека војната во Украина продолжува, нормализацијата на украинско-унгарските односи не е можна, но нагласи дека мирот останува клуч за идните билатерални односи, пренесува Танјуг.
Свет
Евакуација и црвено предупредување поради поплави во Франција
Три департмани во Франција – Лоара-Атлантик, Мен-ет-Лоар и Шарант-Мортим остануваат под црвено предупредување поради поплавите што го погодија подрачјето.
Уште 14 департмани се под портокалово ниво на предупредување, објави порталот „BFM TV“.
Во Мен и Лоара, целиот град беше евакуиран бидејќи нивото на реката Сарт се зголемува и достигна 6,63 метри утрово.
Во Сент и Анже, градските центри се делумно под вода, а локалните жители и трговците се соочуваат со штети и закана од понатамошни поплави.
Во Сенестис (Лот и Гарон), поплавите предизвикаа штети на полиња и оранжерии.
Иако за денес се предвидува суво време, метеоролозите предупредуваат дека поплавите сè уште се шират низводно, што значи дека опасноста за локалното население продолжува.
Покрај поплавите, четири алпски департмани – Јизера, Горња Савоја, Савоја и Горњи Алпи се уште се под портокалово предупредување поради ризик од лизгање на земјиштето, додека налетите на ветерот во некои области достигнаа и до 147 километри на час.
Свет
Европските дипломати претпазливи во врска со подемот на Венс, оценуваат експертите
Европските сојузници внимателно го следат политичкиот подем на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кого некои аналитичари го сметаат за поидеолошки профилирана фигура од сегашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Според експертите интервјуирани од „Политико“, доколку Венс стане шеф на државата, тој би можел да тргне по многу поинаков курс во надворешната политика, со понагласени елементи на изолационизам.
Дел од европските дипломати, како што е наведено, не очекуваат Венс да ја продолжи улогата на САД како клучен гарант за безбедноста на сојузниците, што е една од централните детерминанти на американската глобална стратегија со децении. Ваквите проценки поттикнуваат дискусии за можното преобликување на односите меѓу Вашингтон и европските престолнини, особено во контекст на безбедносните предизвици на истокот од континентот.
Политикологот Суматра Маитра, која се смета за еден од блиските соработници на Венс, смета дека критичарите ја толкуваат неговата идеолошка ориентација како подготвеност за одлучувачки пресврт во американската надворешна политика. Како што оценува, Венс не е склон кон концептот на САД како „глобален полицаец“ и е за редефинирање на улогата на Америка во светот.
Во центарот на политичката програма на Венс, како што истакнува Маитра, е економската реконструкција на земјата. Посебен акцент се става на зајакнување на домашната индустрија и поддршка на работничката класа, што се вклопува во поширокиот наратив за враќање на производството во САД и намалување на зависноста од странските пазари.
Венс, кој има 41 година, сè повеќе се споменува како водечки републикански кандидат за претседателските избори во 2028 година. Неговото евентуално влегување во трката за Белата куќа, судејќи според сегашните проценки, би отворило нова фаза на дискусија за насоката во која ќе се движи американската внатрешна и надворешна политика во следната деценија, пренесува медиумот.

