Свет
Поранешната противничка на Трамп: Ќе гласам за Трамп, Бајден е катастрофа
Поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, денеска објави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп може да смета на нејзиниот глас на претседателските избори во ноември.
Хејли на настан во Вашингтон рече дека не секогаш политички се согласува со Трамп.
„Но (американскиот претседател Џо) Бајден беше катастрофа и јас ќе гласам за Трамп“, рече таа.
Поранешниот американски амбасадор во ОН се откажа од трката за номинација на Републиканската партија во март и првично не сакаше да го поддржи Трамп. Хејли рече дека Трамп не треба да претпоставува дека ја има поддршката од нејзините гласачи, без оглед на нејзината лична одлука.
„Трамп би било мудро да допре до милионите луѓе што гласаа за мене и продолжуваат да ме поддржуваат, а не да претпоставува дека тие, едноставно, ќе застанат покрај него“, предупреди денеска Хејли.
Изборите во САД на 5 ноември ќе бидат реванш меѓу Трамп и Бајден, кои немаат вистинска конкуренција во нивните партии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, Русија ќе преземе „контрамерки“
Русија подготвува „контрамерки“, вклучително и оние од „воена природа“, доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, предупреди во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Неколку европски земји неодамна распоредија помали воени контингенти во Гренланд, автономна територија под дански суверенитет, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно почна да ја посетува, повикувајќи на американско преземање.
„Секако, во случај на милитаризација на Гренланд и создавање воени капацитети насочени против Русија, ќе преземеме соодветни контрамерки, вклучително и оние од воено-техничка природа“, рече Лавров за време на обраќањето пред рускиот парламент.
Откако се врати во Белата куќа пред една година, Доналд Трамп постојано ја повторуваше својата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, оправдувајќи ја со безбедносни причини и заканите што ги претставуваат Русија и Кина во тој регион, според него, потсетуваат медиумите.
Сепак, во јануари на Светскиот економски форум во Давос, тој ја омекна својата реторика, тврдејќи дека се договорил со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за „рамка“ за преговори што ќе им овозможи на САД да имаат поголемо влијание на таа арктичка територија.
Конкретните детали од тој договор сè уште не се познати. Данска и Гренланд досега решително ја отфрлија секоја можност за пренос на суверенитетот, нагласувајќи дека територијата не е на продажба.
„САД, Данска и Гренланд мора да го решат ова прашање меѓу себе“, рече Лавров, обвинувајќи го Копенхаген дека ги третира 57.000 жители на Гренланд како „граѓани од втор ред“.
На почетокот на февруари, НАТО започна со планирање на мисија насочена кон зајакнување на безбедноста на Арктикот.
Регион
Рутe: Внимателно ја следиме ситуацијата на Западен Балкан
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Алијансата внимателно ја следи ситуацијата на Западен Балкан.
Тој го изјави ова на прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел, пред утрешниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата, одговарајќи на прашање за тоа како ја гледа моменталната безбедносна состојба на Балканот.
„Сакам да нагласам дека внимателно ја следиме ситуацијата и дека преку КФОР и нашите други активности на Западен Балкан, во Босна и Херцеговина, но и на Косово, сме многу ангажирани и будно го следиме развојот на настаните“, рече Руте, пренесува Танјуг.
Зборувајќи за ситуацијата во Косово, тој изјави дека НАТО сè уште чека одговорност за настаните во Бањска, како и за други настани во текот на 2023 година.
Тој додаде дека НАТО никогаш нема да прифати безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина и посочи дека тие внимателно ги следат настаните и таму.
Свет
Италија и Полска нема да се приклучат кон Oдборот за мир на Трамп
Италија и Полска објавија дека нема да се приклучат на новиот „Одбор за мир“ на американскиот претседател Доналд Трамп, иницијатива која беше замислена како инструмент за прекин на огнот во Појасот Газа, но која Трамп сака да ја прошири на глобално ниво.
Повеќе западни земји се воздржани поради поканата до Русија и Белорусија, стравувајќи дека Одборот би можел да стане паралелен механизам на Обединетите нации.
Полскиот премиер Доналд Туск рече дека земјата нема да се приклучи „во овие околности“, но ја остава можноста отворена за понатамошна анализа.
Италија, пак, има „уставна пречка“ за влез во вакви структури кои не обезбедуваат еднакви услови за сите членки, објасни шефот на дипломатијата Антонио Тајани. Премиерката Џорџа Мелони претходно побарала од Трамп да ги смени правилата за да може Италија да се приклучи.

