Македонија
Позитивен знак е желбата на претседателката за средба, Бугарија очекува промена на реториката и крај на јазикот на омразата, порача Радев
Република Северна Македонија мора да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа, со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, како што беше за секоја земја членка. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим.
Мојата порака до претседателката на Република Северна Македонија е дека Бугарија очекува промена на реториката, и конечно, крај на јазикот на омразата, додаде шефот на државата, пренесуваат бугарските медиуми.
Претседателот објасни дека бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим.
Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, ја предводи државно-црковната делегација на земјата во Италија и Ватикан по повод 24 Мај, а настанот е со мотото „Македонија во чест на св. Кирил“. Од кабинетот на Силјановска информираат дека таа ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, а на 23 мај ќе се сретне и со државниот секретар на Светата столица, монсињор Пјетро Паролини, пишуваат бугарските медиуми.
„Позитивен знак е што претседателката на РСМ покажа стремеж за ваква средба“, одговори Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Силјановска-Давкова во Рим.
Тој објаснил дека програмата е исполнета до минута.
„Очекувам дека таква средба ќе има набргу, додаде тој. Вчера имавме многу продлабочен и пријателски разговор со претседателите на Италија, Португалија и Грција“, рече Радев. Претседателот на РСМ со години го поканувам во Бугарија. Ја поканувам, секако“, одговори Радев на прашањето дали сега ја кани Силјановска-Давкова.
„Сметам дека желбата на PCM за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи што побргу. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија“, коментира шефот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

