Регион
Додик: Западниот свет направи заговор со Бошњаците да ги прогласат неродените деца за геноцидни

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, денеска, во пресрет на дебатата на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за геноцидот во Сребреница, повторно го негира ова злосторство и најави иницијатива за мирно разединување на Босна и Херцеговина.
Додик денеска ја донесе целата влада на Република Српска во Сребреница и одржа говор во Братунац, каде што ги осуди земјите што ја предлагаат резолуцијата, Германија и Руанда, и околу четириесет други, кои ја спонзорираат.
Додик ги нарече лага утврдените судски факти за геноцидот на повеќе од осум илјади Бошњаци извршен од страна на припадниците на војската и полицијата на босанските Срби. Тој тврди дека неодреден број Бошњаци загинале во Сребреница и дека четири илјади мртви тела биле донесени однадвор.
„Сите овие години не успеаја да ја докажат таа бројка (над осум илјади жртви)“, рече Додик.
Попладнево во Њујорк, Генералното собрание на ОН треба да гласа за предлог-резолуцијата, со која се бара 11 јули да биде прогласен за меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Додик веднаш најави дека нема да го почитува ова во РС.
„Нема да ни биде ден за сеќавање бидејќи тој ден ништо не направивме“, изјави Додик.
Тој најави дека владата на РС ќе предложи договор за раздружување и мирно разграничување по усвојувањето на резолуцијата.
Според неговото толкување, денешна Босна и Херцеговина не е создадена врз основа на Дејтонскиот договор, туку со доброволно спојување на РС и Федерацијата Босна и Херцеговина, па тој договор сега треба мирно да се раскине.
„Ќе се обидеме да го направиме тоа во следните неколку години“, рече Додик, кој тврди дека целиот западен свет заговарал со Бошњаците со цел да ги прогласи неродените деца за геноцидни и да го наметне концептот на унитарна БиХ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Плинска боца експлодира во стан на српски туристи во Грција, има повредени

Пет туристи од Србија се повредени денес во експлозија на плинска боца во изнајмена соба во Аспровалта, во регионот на Солун, од кои еден доби тешки изгореници, објавува Катимерини.
Несреќата се случила денес околу 15:30 часот под сè уште неразјаснети околности.
Најтешко повреден е 41-годишен маж, кој се здобил со изгореници, додека другите се здобиле со повреди од скршено стакло, објавува Катимерини, додека Прототема објавува дека маж со изгореници од прв и втор степен и жена со изгореници од прв степен се пренесени во свесна состојба во Општата болница во Солун.
Полицијата го уапси 86-годишниот сопственик на куќата, а надлежните органи ги истражуваат причините за несреќата.
Регион
Полицијата на Истра уапси Германец: снимал голи деца со рачен часовник

Истарската полиција приведе германски државјанин (31), кој е обвинет за експлоатација на деца за порнографија откога е откриено дека снима голи деца на плажа со рачен часовник со интегрирана камера.
Граѓаните ја известиле полицијата во вторникот околу 18 часот кога забележале дека мажот снима деца со рачен часовник. Полицијата ги претресла неговите простории, автомобилот и друга техничка опрема и пронашла инкриминирачки снимки. Еден ден подоцна тој бил предаден на притворската единица на Полициската управа на Истра со кривична пријава.
„Полицијата апелира до родителите да ги следат своите деца и да гледаат каде се и што прават на плажа. Облечете ги вашите деца во костими за капење, а доколку забележите сомнително лице што снима деца, веднаш известете ја полицијата на 192“, велат од полицијата додавајќи дека ваквите акции покажуваат дека јавноста е сè повеќе свесна за проблемот со снимањето деца и дека препознавањето на сомнителното однесување овозможува навремен одговор и апсење на сторителот“.
Фото: принтскрин
Регион
Словенците воведуваат скратена работна недела за оние што се блиску до пензија

Од 1 јануари 2026 година во Словенија делумно ќе стапи во сила закон кој претставува вистинска револуција на пазарот на трудот. Освен зголемување на надоместоците за невработеност и јавни работи, како и олеснување на пристапот до пазарот на трудот за младите, студентите, но и пензионерите, законот ќе им овозможи на лицата што се блиску до пензија да ја намалат работната обврска.
Конкретно, работниците постари од 58 години, како и оние со најмалку 35 години работен стаж, практично ќе може да изберат помеѓу слободен петок или скратен работен ден во траење од шест часа, потврдија од Министерството за труд, семејни и социјални прашања и еднакви можности за словенечките медиуми.
Според моделот наречен 80-90-100, што значи 80 отсто работно време, 90 % плата и 100 % уплатени придонеси – Словенија делумно ќе ги преземе искуствата на земји како Исланд, Ирска и Германија. Во овие земји ваквите закони довеле до позитивни ефекти, како зголемена продуктивност, помалку отсуства од работа и поголема ефикасност. Словенците веќе имаат неколку пилот-проекти, претежно во технолошки компании, кои покажале слични резултати.
Од Министерството за труд најавија дека, доколку измените се покажат успешни, ќе се оди во насока на дополнителна либерализација на прописите. До крајот на 2028 година се очекуваат и промени, како додаток за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени, па дури и воведување 38-часовна работна недела.
Во оваа прва рунда на измени донесени се и други мерки. Така, од 2026 година невработените Словенци ќе имаат повисоки надоместоци за невработеност. Максималниот износ што ќе го примаат во првите три месеци по отказ или раскин на договорот за работа ќе изнесува 130 проценти од просечната минимална бруто-плата во државата, што моментно е нешто повеќе од 1.660 евра. Ако ни по три месеци, не најдат нова работа, ќе имаат право на 110, па 100 отсто, па сè до 70 проценти од просечната минимална бруто-плата.
Значајни промени и зголемени надоместоци ги очекуваат и учениците, студентите и учесниците во јавни работи, кои покрај повисоки минимални часовни тарифи, ќе имаат и подобрени работни услови. Планирани се и стимулации за вработување невработени лица постари од 59 години во износ од 40 проценти од месечниот нето-надоместок, а оваа категорија ќе има право на зголемен број дозволени часови за привремена или повремена работа. Месечното ограничување за работа на пензионерите се зголемува од 60 на 85 часа месечно, соодветно со зголемување на максималниот годишен приход.
Законот на крајот беше усвоен по итна постапка бидејќи неговото донесување беше услов за повлекување 140 милиони евра европски средства за оваа цел.