Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Проектот „Безбеден град“ има за цел да спасува човечки животи, погрешно е што одредени политичари се обидуваат да го етнизираат
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната седница истакна дека оваа влада ја гарантира правичната застапеност и новиот закон доби позитивна препорака од Венецијанска комисија што е обврзувачко во процесот кон ЕУ, а проектот „Безбеден град“ не етнизира, туку спасува човечки животи.
„Што се однесува за правичната застапеност можам да кажам дека апсолутно се води сметка за правичната застапеност, јас сум личен гарант и тоа сум го кажал во минатото. Ниту како човек, ниту како политичар, ниту како претседател на Влада, нема да дозволам никој никого да мајоризира или минимизира. Односно, апсолутно можам да ве убедам дека квалитетот на луѓето без разлика од која етничка припадност доаѓаат треба да биде клучен и приоритет и тоа е темелна уставна вредност и дел од меѓународните резолуции и конвенции“, истакна премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Скендер Реџепи.
Мицкоски му порача на пратеникот Реџепи дека треба пошироко и објективно да ги гледаат работите, наместо да ги етнизираат прашањата мислејќи дека така ќе добијат политички поени.
„Што се однесува до Законот за правична застапеност, тој е готов, ги доби последните позитивни мислења на Венецијанската комисија. Ќе ве потсетам, мислењето на Венецијанската комисија согласно последните измени во процесот на пристапување кон Европската Унија и согласно последните барања за промена на методологијата во процесот на пристапување се одлучувачки фактор. По истите се постапува и очекувам многу скоро овој закон да биде доставен пред вас пратениците и се надевам дека едногласно истиот ќе биде усвоен бидејќи има позитивна препорака на Венецијанската комисија и се надевам дека нема на тој начин пратениците да ги загрозат европските процеси на државата“, потенцираше премиерот.
Во врска со одлуката на Уставниот суд, тој нагласи дека одлуки на Уставен суд нема да коментира, но факт е дека ова мнозинство во Уставниот суд е избрано во време на претходната влада, а не во оваа.
Во однос на проектот „Безбеден град“, премиерот Мицкоски потенцираше дека погрешно е што и ова некои политичари се обидуваат да го етнизираат, затоа што истиот има за цел да спасува човечки животи.
„Политичарите кои се во романтичен занес, мислат дека ако ги етнизираат и упокоените кои за жал го изгубиле својот живот поради сообраќајни незгоди, треба да се гледаат низ оптика на етничка припадност. Она што можам да кажам е дека повеќе нема да има голем број на жртви на сообраќајни незгоди по имплементирање на проектот „Безбеден град“. Оваа влада одлучи проектот да се стави во функција со цел да спаси човечки животи без да се води математичка статистика кој од која етничка припадност и да ја толкува методологијата со која за упокоените се определува етничка припадност. Овој проект има за задача да спаси што е можно повеќе луѓе“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.

