Македонија
Поради реконструкција, без вода жителите на Водно, Козле, Клиничкиот центар, а во Сарај ќе има намалување на притисокот на водоснабдување
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат за пуштање на употреба на нова водоводна мрежа во реоните Сарај и Центар.
ЈП Водовод и канализација Скопје во континуитет работи на реализација на проекти и технички зафати со цел подобрување на водоводната мрежа во град Скопје, како и подобрување на услугите за граѓаните.
Во таа насока е и проектот за изградба на водоводна мрежа со чија реализација трајно ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во 12 населени места во општина Сарај.
Реализацијата на овој технички зафат со кој ќе се изврши приклучокот на мрежа ќе се спроведе на 25.05.2024, сабота со почеток во 21 часот и се предвидува истата да заврши до 5 часот наутро во недела, на 26.05.2024.
Заради реализација на оваа реконструкција се очекува намалување на притисокот на водоснабдувањето за граѓаните во општина Сарај и дел од општина Ѓорче Петров.
Во истиот период 25.05.2024, сабота од 21 часот до 05 часот наутро во недела, 26.05.2024 ќе се спроведе и реализација на реконструкција на водоводна мрежа во Центар и тоа реон Водно, со чија реализација и целосна замена на старата со нова мрежа ќе се овозможи подобро водоснабдување за граѓаните во овој дел на градот без дефекти и загуби на вода.
Во текот на изведбата на оваа реконструкција, прекин на водоснабдувањето ќе имаат дел од жителите од реон Водно и Козле, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, Вила Водно и резиденцијални објекти во реон Водно.
За покривање на потребите за вода за пиење во здравстевните установи цистерни со питка вода ќе бидат поставени пред Клинички Центар „Мајка Тереза“ и Детската болница „Козле“. Исто така цистерни со вода за пиење ќе бидат подготвени во Дежурната служба на Водовод Скопје, кои на повик ќе гравитираат врз основа на потребите на граѓаните од реоните Сарај и Водно во периодот од 21 до 05 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

