Регион
Ден посветен на Данка Илиќ: Центарот за исчезнати и малтретирани деца празникот го посвети на девојчето од Бор
Центарот за исчезнати и малтретирани деца денеска, Меѓународниот ден на исчезнатите деца, го посвети на двегодишната Данка Илиќ од Бор, која исчезна на 26 март, а центарот ја нагласува и потребата од јавен регистар на исчезнати лица што ќе одделни возрасни и малолетни исчезнати лица.
„Денес е Меѓународниот ден на исчезнатите деца, ден кога го привлекуваме вниманието на јавноста кон исчезнатите деца и нивните семејства кои се уште трагаат по нив. Оваа година овој ден ќе биде посветен на Данка Илиќ, која исчезна на 26 март, а чија приказна длабоко ги потресе сите граѓани на Србија“, се вели во соопштението на Центарот.
Во Србија, се додава, во 2023 година исчезнале 1.525 деца, а пронајдени се 1.510, што значи дека 15 семејства се уште ги бараат своите деца.
„Најчестите причини за исчезнување кај нас се самоиницијативно бегство од дома или установа за социјална грижа поради различни причини како ментално здравје, злоупотреба, особено сексуална, неуспех во училиште или љубовни проблеми. Поретки причини за исчезнување се киднапирањата, било од родители или од непознати лица, кои исто така можат да претставуваат сериозна закана по животот на детето“, се вели во соопштението.
Центарот за исчезнати и малтретирани деца оцени и дека овој Меѓународен ден на исчезнатите деца е посебен бидејќи во Србија е воведен системот „Најди ме“ кој овозможува брзо известување на јавноста преку СМС пораки, медиуми, билборди и други канали за исчезнување на дете и кое се активирало кога исчезнала Данка Илиќ.
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, рече дека е благодарен што Србија конечно го има овој систем, но дека има уште да се работи на неговото функционирање.
„На средбата со Министерството за внатрешни работи сите се согласивме дека е неопходно дополнително да се унапреди системот „Најди ме“, за да биде уште поефикасен. Тоа ќе се постигне со вклучување на социјалните мрежи во процесот на известување на граѓаните, како и со воведување известувања преку базни станици, така што секој граѓанин истовремено ќе добие известување за исчезнувањето на својот телефон“, рече Јуриќ.
Во текот на 2025 година, Центарот за исчезнати и злоупотребени деца ќе инсистира на Јавен регистар на исчезнати и издвојување на полнолетни и малолетни исчезнати лица во евиденцијата, а Јуриќ наведува дека Србија во моментов има Регистар на исчезнати лица кој не е јавен, што дополнително ја отежнува потрагата по исчезнати деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

