Македонија
„Што сте се фатиле околу Бесија, зошто да ја разрешам“ – Демири за директорката на Токсикологија вели дека таа не го прекршила законот

Министерот за здравство, Илир Демири, и денес повтори дека не планира да ја разреши организациската директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази, по скандалите во последните месеци.
„ Зошто да ја разрешам? Сте се фатиле околу Бесија. Таа не ги вработиле тие 18 лица, туку се вработени во 2023. Каде бевте вие и останатите директори и министрите да кажувате за квалитет и неквалитет? Зошто дозволувате тие луѓе да се на список на дежурства и смени, а месец дена пред изборите, реагирате зошто се вработени? Имам факти дека медицинскиот директор заедно со другиот колега кои се трудеа да направат мобинг, сум ги разрешил. Каде беше ДСЗИ кога тие пет месеци не примале плата и да реагираат? Тие работеле 12 месеци, каде бевте вие да прашате за одговорност. Бесије кога ќе го прекрши Законот, или Шукароски или Александра, како и да се вика, јас ќе го разрешам. Таа не го прекршила законот. Каде е ДСЗИ да достави извештај за случувањата на хируршките сали“, рече Демири.
Министерот денес објави дека е разрешен директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски. Ова се случува по наодите за зголемена смртност на Клиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.