Свет
Американски адмирал предупредува: Националната безбедност на САД е загрозена
Националната безбедност на САД е загрозена од бранови руски и кинески граѓани кои се обидуваат да се инфилтрираат во воените бази, предупреди Дерил Кодл, адмирал на американската морнарица.
Како што пренесува „Дејли Мејл“, шефот на командата на американската морнарица тврди дека обидите за инфилтрација се случуваат „два или три пати неделно“, само во поморските бази.
Минатата година кинеските граѓани направиле повеќе од сто обиди, а кога ќе бидат откриени, тие тврдат дека се невини туристи.
„Овие ситуации и обиди за упад во нашите воени бази од странски државјани стануваат се почести“, рече адмиралот Кодл и продолжи:
„Тоа се руски или кинески државјани, но има и други националности. Во повеќето случаи тие имаат пасоши и документи, но не постои начин да се добие овластување за влез во базата. Многу ни е тешко да ги утврдиме мотивите во сите туку случаите“.
Повеќето странски државјани кои се фатени добиваат мали казни и им се советува да не се враќаат, бидејќи нивните прекршоци не се сметаат за федерални злосторства, вели тој.
„Ова е нешто што го гледаме веројатно два или три пати неделно, каде што ги запираме овие луѓе на портата, а се работи само за морнарицата. Тие обично имаат слична приказна. Јас сум студент, јас сум ентузијаст, јас сакам да ги видам бродовите“, рече Кодл.
Загриженоста за намерите на Пекинг се зголеми во услови на зголемување од 8.000 отсто на бројот на кинески државјани за кои се знае дека ја преминале јужната граница во последните три години. Повеќе од 24.000 се пресретнати во тековната фискална година, објави Комитетот за домашна безбедност на Претставничкиот дом минатиот месец. Барањата за азил им се одобруваат на кинеските мигранти повеќе од која било друга националност.
Емили Хардинг, поранешен вработен во Комитетот за разузнавање на Сенатот, неодамна изјави дека кинеската шпионска операција е повеќе игра со бројки.
Амбасадата на Република Кина во Вашингтон ги отфрли овие наводи како „намерна измислица“.
„Апелираме до релевантните американски институции да го напуштат менталитетот на Студената војна, да престанат со неоснованите обвинувања и да направат повеќе за взаемната доверба меѓу двете земји и пријателството меѓу двата народа“, рече портпаролот Лиу Пенг Џу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Арктикот е наш регион, ние сме арктичка држава
Русија е арктичка земја, за разлика од повеќето земји на Европската Унија, и е отворена за соработка на Арктикот, изјави портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков.
„Ова е наш регион. Ние сме арктичка држава, за разлика од огромното мнозинство земји од Европската Унија. Ние сме отворени за соработка и заедничко дејствување“, изјави Песков пред новинарите.
Ако политиката на Европската Унија е фокусирана на соработка на Арктикот, Русија ќе ја поздрави.
„Ако претставниците на Европската Унија имаат на ум нова политика насочена кон меѓународна соработка, тоа може да се поздрави. Ако, од друга страна, мислат на конфронтација, што во моментов е многу модерно во Брисел, тогаш, секако, тешко дека можеме да го поздравиме тоа и тешко дека ќе има некаков позитивен ефект“, рече Песков.
Според него, Русија има големи интереси на Арктикот и ќе ги брани, користејќи го целиот арсенал на меѓународното право.
Порано, Каја Калас, шефица на европската дипломатија, на конференција во Норвешка изјави дека на Европската Унија ѝ е потребна нова безбедносна политика на Арктикот.
Свет
Нигериец кој се претставувал како принц од Дубаи измамил бизнисменка за 2,5 милиони долари
Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам во Романија (DIICOT) отвори кривична постапка во случај во кој романска бизнисменка била измамена за 2,5 милиони долари од Нигериец кој се претставувал како „престолонаследник на Дубаи“, објавија „Агерпрес“ и „БТА“.
Од Дирекцијата денеска издадоа официјално соопштение за случајот, поради зголемениот интерес на медиумите. Во тек е истрага за кривичните дела „организирање криминална група“ и „измама со особено сериозни последици“.
Според медиумските извештаи, романската бизнисменка изгубила над 2,5 милиони долари откако била убедена да инвестира заедно со „престолонаследникот на Дубаи“ во хуманитарна фондација.
Всушност, станува збор за нигериски измамник по име Хенри Еке, кој користел сложена шема за да ги измами своите жртви, вклучувајќи лажни идентитети, фиктивни банки, наводни „финансиски советници“, како и романтични ветувања и предлози за брак.
Жената во Романија била убедена дека разговара со принц од Дубаи и префрлила над 2,5 милиони долари на лажна сметка на „фондација“. Парите доаѓале од различни банкарски кредити, за кои го хипотекирала својот дом, како и од финансиските ресурси на нејзината компанија.
Таа открила дека станува збор за измама откако ја контактирале двајца соучесници на Нигериецот, кои биле незадоволни што не го добиле својот дел од парите. Тие ѝ признале дека целата операција била измама.
Свет
Путин и Џјинпинг во телефонски разговор: Односите меѓу Русија и Кина постојано се развиваат
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Шји Џјинпинг разговараа за соработката меѓу нивните земји.
Повикот доаѓа неколку дена откако високи дипломати од двете земји го изразија својот став дека билатералните односи би можеле да „достигнат нови височини“ оваа година, бидејќи Пекинг и Москва се стремат да ја зајакнат економската соработка.
Нивното стратешко партнерство дополнително се зајакна по руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, анализираат медиумите.
Двајцата лидери, кои се во редовен контакт, разменија новогодишни честитки на 31 декември, при што Шји изрази „подготвеност да продолжи да одржува блиски контакти“ со Путин, според кинеското министерство за надворешни работи.
Шји и Путин последен пат се сретнаа лично во септември, кога рускиот лидер присуствуваше на голема воена парада во Пекинг.
За време на посетата, Путин му рече на Џјинпинг дека односите меѓу нивните земји се на „невидено ниво“.

