Регион
Во случајот со Данка Илиќ сослушани директорот на „Водовод“ и пријател на осомничениот, им биле поставувани прашања што кријат клучни одговори

Во Вишото јавно обвинителство во Заечар вчера беа сослушани уште двајца сведоци во случајот со убиството на Данка Илиќ (2) од Бор, чија смрт им се припишува на работниците на ЈКП „Водовод“ од Бор, Срѓан Јанковиќ (50) и Дејан Драгијевиќ (50), а полицијата се надева на пробив во истрагата.
Како што пренесува „Курир“, вчера, во Обвинителството сведочеше Горан Павиќ, поранешниот директор на ЈКП „Водовод“ од Бор, кој поднесе оставка од морални причини по апсењето на неговите вработени Драгијевиќ и Јанковиќ. Освен него, сослушан е и пријателот на осомничениот Срѓан Јанковиќ, од кого често позајмувал автомобил.
„Овие двајца сведоци зборуваа за тоа како се однесувале осомничените од 26 март кога исчезна Данка до 4 април кога беа уапсени. Им беа поставувани прашања за нивното движење, како и за употребата на возилата“, изјавил изворот за медиумот.
Како што додава, поранешниот директор на „Водовод“ од Бор сведочел дали и колку пати Јанковиќ и Драгијевиќ го користеле службениот автомобил по 26 март.
„Даде изјава поврзана со патните налози од 26 март кога исчезна Данка и сите информации за тоа кога уапсените дента отишле на интервенција во Бањско Поле, па кога се вратиле, кој од колегите ги видел, што разговарале со нив и дали знае нешто за тоа. Тој беше прашан и за сè што е поврзано со нивното движење во наредните денови до нивното апсење на 4 април, односно дали користеле службено возило во тој период, дали евентуално го зеле возилото без да пријават“, наведува изворот.
Друг сведок, кој исто така беше сослушан, пријател на осомничениот Срѓан Јанковиќ, одговараше на прашања во врска со неговиот автомобил, кој му го позајмил на Јанковиќ.
„Го прашаа пријателот на Јанковиќ дали му позајмил автомобил во периодот од 26 март до 4 април, дали на крајот ќе се дознае дали Јанковиќ можеби со тој автомобил го преместил телото на девојчето“, вели изворот и додава дека Обвинителството ќе ги спореди изјавите на сведоците со изјави на осомничените и изјави на други сведоци.
„Доколку има одредени совпаѓања во изјавите, може да се каже дека ќе има напредок во истрагата, односно исчекор кога станува збор за откривањето на локацијата на која е преместено телото на Данка Илиќ“, објаснува соговорникот.
Според изворот, сослушувањето на сведокот е закажано за 28 мај, а досега се сослушани вкупно 19 сведоци.
Како што напиша „Блиц“, до Вишото јавно обвинителство во Заечар ги добиле резултатите од ДНК-вештачењето, кое покажало дека не се пронајдени биолошки траги од Данка Илиќ во автомобилот за кој се претпоставува дека го користеле осомничените кога удриле во неа.
Како што истакна Миодраг Цановиќ, обвинител на Вишото јавно обвинителство, добиените резултати претставуваат само дел од вештачењето бидејќи се испитуваат голем број предмети.
„Ова е резултат на вештачење делови од предмети од службениот автомобил. Пристигнаа само првите неколку вештачења од Националниот центар за криминалистичка форензика, а вештачењето го очекуваме и од биолошкиот факултет“, изјави претходно Цановиќ.
Дејан Драгијевиќ детаѝно го опиша убиството, објави дека телото е фрлено на депонија, а потрагата по Данка била концентрирана во селото Злот. Пребарувани се депонии, дворот на семејната куќа Драгијевиќ, шахти и сите места што би можеле да донесат некаков напредок во потрагата, но засега безуспешно. Потрагата згасна, а телото на Данка сè уште не е пронајдено.
Полицијата запленила десетици предмети од куќата на Дејан Драгијевиќ во селото Злот кај Бор, кои би можеле да бидат клучен доказ во истрагата. Исто така, на осомничените им се одземени и двата приватни автомобила, кои се испратени на вештачење.
Покрај Драгијевиќ и Јанковиќ, во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој е осомничен дека му помагал на синот да го премести телото на девојчето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин