Македонија
Апасиев смета дека со Гаши парламентот ќе биде косоваризиран, Мицкоски коментира дека се однесува како џанак

Првиот човек на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, пред конститутивната седница денес ја отфрли можноста да го поддржат изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието.
„Ние би дале поддршка од нашите шест пратеници да не биде Албанец претседател на Собранието. Отворено го повикуваме Мицкоски, бланко-поддршка, на невидено, само да не биде повторно косоваризиран македонскиот парламент“, рече Апасиев.
Прашан од новинарите зошто му пречи Албанец да дојде на оваа функција, Апасиев рече дека е противуставно да се зборува на друг јазик, освен на македонскиот кога се преседава со седница.
„Си ги гласавте патриотите, тоа ќе ви биде реалноста“, додаде Апасиев.
Потоа од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше побаран став за повикот на Апасиев, на што Мицкоски рече дека тој се однесува како џанак.
„Треба ли да го коментираме Димитар Апасиев? Тој пред изборите имаше бланко-понуда да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство, но одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали во Хургада или на некоја друга грчка плажа. И како што еден од неговите поранешни сопартијци вика дека тие се една група џанаци, така и продолжува да се однесува“, рече Мицкоски.
Во Собранието почна конститутивната седница на новиот собраниски состав. На дневен ред се избор на верификациска комисија, верификација на мандатите на новите пратеници, избор на комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието – функција што е превидено да ја извршува Африм Гаши од Алтернативата, која е дел од коалицијата „Вреди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ја истакна својата решеност да ја промени дводецениската матрица на управување со општината со изговорот „не можеме“, кога станува збор за реализирање на крупни проекти во интерес на граѓаните. Тој порача дека неговата кандидатура не е борба против личности, туку против менталитетот на „не можам“, кој, како што рече, го кочи развојот на Чаир веќе 20 години.
Тој потсети дека повеќе од 20 години, од основањето на општината, Чаир се води без план, без идеја и без храброст, а граѓаните се навикнати на изговори и поразителното „не може“.
„Имало многу ветувања, во секоја изборна кампања. Но секогаш по нив следело: ‘Не може’. Повеќе од 20 години една клика ни инсталираше начин на размислување дека ‘ние не можеме’, дека ‘ова ни е судбина’. Јас влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам тој начин на размислување“, нагласи Османи.
Тој истакна дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку ментална и политичка трансформација, со јасна визија за иднината на Чаир.
„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал менталитетот дека ‘не може’. И кога влегов во преговорите за името, за НАТО, за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но јас секогаш сум влегувал со уверување дека треба да се предизвика, затоа што храброста е таа што ги реализира промените, не само идеите“, рече Османи.
Тој ја поврза оваа порака со најзначајниот проект во неговата програма, реализација на „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем во општината и да ја трансформира во модерен и функционален центар.
„Идеи можеме да имаме многу, но мора да имаме храброст да преземеме одговорност за големите идеи“, порача Османи.
Тој подвлече дека реализацијата на проектот „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница веќе започнала со подготвителната фаза, со планирање на средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и сопствените општински фондови, со цел да се обезбеди стабилно финансирање.
„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.