Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне наместа со локално невреме, пороен дожд и грмежи

Времето денеска сончево со мала до умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени. УВ=6
Во Скопје, времто ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
И во четврток ќе има повремен пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме. Од петок дневната температура ќе биде во значителен пораст и на повеќе места ќе биде над 30 степени. Сепак во попладневните часови можна е изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски со благодарност до Фондацијата Конрад Аденауер: Партнерството и соработката продолжуваат

Денес сме собрани за да одбележиме едно партнерство и сме овде за да изразиме благодарност. Да го признаеме придонесот на еден сојузник, на една визија, на една вредносна платформа што стана дел од нашата современа историја и пат. Фондацијата Конрад Аденауер, именувана по еден од најголемите европски државници на 20. век, е амбасадор на демократската идеја. Таа е сведоштво дека вредностите можат да патуваат преку граници, преку генерации и преку тешкотии — и да вкоренат стабилност, дијалог и надеж“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешниот свечен прием по повод одбележување на 25 години од работата на Фондацијата Конрад Аденауер во Република Северна Македонија.
Германскиот канцелар Конрад Аденауер некогаш рекол:
„Историјата не се менува со зборови, туку со дела. А делата почнуваат со визија и храброст.“
„Почнувајќи уште од времето кога нашето општество се соочуваше со транзиција, со економска и политичка неизвесност, фондацијата беше присутна — со обуки, со јавни дебати, со поддршка на граѓански организации, со едукација на млади луѓе. Настапуваше со почит. Со разбирање. Со волја да се гради и да се слуша. И токму во тие тешки времиња се гради вистинското пријателство. Не кога се слави, туку кога се сомнева. Не кога е лесно, туку кога е потребно.“, посочи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Конрад Аденауер Фондацијата веруваше во нас, како што рече тој дури и кога некои други се двоумеа.
„Нашиот пат кон демократија не беше праволиниски. Имавме свои грешки, сопки, разочарувања. Но и секогаш имавме партнери што веруваа во нашиот капацитет за напредок. Конрад Аденауер Фондацијата веруваше во нас дури и кога некои други се двоумеа. Веруваше дека можеме да станеме дел од европското семејство. Дека младите овде заслужуваат иднина во својата татковина.“, објасни тој и додаде:
„И затоа, кога денес зборуваме за евроинтеграции, за владеење на правото, за борба против корупцијата, за слобода на медиумите- знаеме дека зад тие процеси не стојат само политички декларации. Стојат години на вложување, соработка и визија.
Премиерот Мицкоски се заблагодари на Конрад Аденауер Фондацијата за довербата и досегашната соработката, изразувајќи надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.
„Ако нешто научивме во изминатите три децении, тоа е дека трајните промени се можни само кога се градат од внатре- но со надворешна поддршка што е чесна, компетентна и вредносно ориентирана. И затоа, во името на Владата сакам да изразам длабока благодарност до Фондацијата Конрад Аденауер. За довербата. За истрајноста. За партнерството. Нека оваа соработка продолжи. Нека инспирира нови млади, нови идеи и нова надеж. Да продолжи пријателството меѓу Македонија и Сојузна Република Германија.“, порача Мицкоски.
Македонија
Арсовска: „Храбриот“ Меџити наместо да дојде во Чаир заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, промовира туѓи проекти

Изет Меџити наместо да дојде во Чаир, таму каде што е најповикан заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, тој се исмева со граѓаните додека промовира туѓи проекти, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по промоцијата на електричните автомобили.
Арсовска вели дека проектот за споделување на автомобили е проект започнат во соработка со приватна компанија и претпријатијата на градот Скопје.
„’Храбриот’ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби“, вели Арсовска.
Срам за Македонија и оваа влада, додава таа, се Изет Меџити и Висар Ганиу.
„Замислете, човек кој стои позади стотици дивоградби, ставил во ризик илјадници граѓани, фалсификувал документи со својот измеќар, сега е вицепремиер и промовира туѓи проекти пред медиумите и граѓаните“, вели Арсовска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари

Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има конкретен план за справување со пожари во претстојната сезона, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Во време на СДС, Заев се сончаше по плажите и не се врати во државата додека во Македонија беснееја пожари. Седум години државата беше оставена без пилоти и со стари возила и технички средства. 7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти. 7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сериозна и целосна трансформација на целиот систем за управување со кризи“, пишува во реакцијата.
Од таму велат дека „Ер тракторите“ моментално се на сервисирање и во краток рок се очекува да има три „ер трактори“ во пресрет на сезоната на пожари.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи посветено и има план за полесно справување во претстојната сезона на пожари“, велат од партијата.