Свет
Заврши сезоната на искачување на Еверест, осум лица загинаа
Во Непал денеска заврши сезоната за искачување на Еверест, одбележана со неколку рекорди, но и осум смртни случаи, соопшти министерството за туризам и компаниите кои организираат експедиции.
Повеќе од 600 алпинисти и водичи успеаја да се искачат на Еверест оваа сезона, која трае во април и мај, објави Ракеш Гурунг од непалското Министерство за туризам. Точните бројки допрва треба да се проверат.
„Тимовите ја исчистија опремата и искачувањето во моментов е затворено“, изјави Гурунг за АФП. „Сезоната е завршена“.
Бројот на осум загинати е помал од 2023 година, кога имаше 18. Меѓу жртвите годинава има и двајца алпинисти од Монголија, и по еден од Кенија, Непал и Индија. Еден Британец и двајца непалски водичи се исчезнати и се претпоставува дека се мртви.
Непалската алпинистка Пуњо Лама постави рекорд за брзина на искачување за жени, од 14 часа и 31 минута. Вториот рекорд го постави непалскиот алпинист и водич Ками Рита Шерпа (54), кој на врвот стигна по триесетти пат. За прв пат го искачил во 1994 година, пред точно 30 години.
„Толку многу планинари прават име и репутација искачувајќи се на нашите планини“, рече Пурнима Шреста, исто така рекордерка во женска конкуренција, откако се искачи на врвот три пати во една сезона.
„Добро е што ние Непалците поставуваме рекорди во сопствената татковина“, нагласува таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Полска поставува противдронски систем на границата со Белорусија
Полска постави прв противдронски одбранбен систем на новa набљудувачкa кула во близина на границата со Белорусија, како дел од зајакнатите безбедносни мерки, објави Еуроњуз.
Системот е инсталиран во местото Ожерани и ќе биде оперативен од јануари, потврди министерот за внатрешни работи, Марчин Кервински.
За време на божиќните празници, повеќе од 6.000 припадници на армијата, граничната полиција и полицијата ќе бидат распоредени на границата. Полските власти соопштија дека годинава спречиле речиси 30.000 обиди за нелегален премин.
И покрај засиленото обезбедување, хуманитарната состојба на границата останува тешка, при што активистите предупредуваат дека и натаму има жртви меѓу мигрантите. Во исто време, опозициската група БЕЛПОЛ тврди дека во близина на Минск се гради фабрика за оружје, која наводно ќе произведува артилериска и ракетна муниција за Русија.
Свет
Зеленски: Подготвени нацрти за завршување на војната со Русија
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина и САД подготвиле неколку нацрти на документи поврзани со безбедносни гаранции, обнова и рамка за завршување на војната со Русија, по неколку рунди разговори одржани за време на викендот во Мајами, објави „Кијив Пост“.
Зеленски наведе дека работата била продуктивна и дека документите се структуирани со цел да обезбедат „вистински крај на војната и да спречат трета руска инвазија“, но додаде дека и понатаму постојат разлики меѓу договореното на хартија и состојбата на бојното поле.
Разговорите уследија по дипломатски тензии предизвикани од протекување на американски мировен план од 28 точки, кој предвидувал откажување од членство во НАТО и територијални отстапки од страна на Украина. По реакцијата на Украина и европските партнери, бил подготвен алтернативен план од 20 точки, кој бил детално разгледан со американската страна.
Иако нацртот од 20 точки е речиси завршен, Зеленски призна дека некои одредби остануваат неприфатливи и за Киев и за Москва, а траен прекин на огнот сè уште е далеку.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите продолжуваат и дека „одат добро“, без да открие конкретни чекори или рокови. Украинските власти предупредуваат дека без јасни и применливи безбедносни гаранции, секој договор може брзо да пропадне.
Свет
Германскиот министер за внатрешни работи: Имаме интерес криминалците да ја напуштат земјата; Германија депортираше маж во Сирија
За прв пат од почетокот на војната во Сирија во 2011 година, Германија депортираше сириски државјанин во таа земја, соопшти денес германското Министерство за внатрешни работи. Медиумите јавуваат дека станува збор за 38-годишен маж кој бил осудуван неколку пати за тешка кражба и нанесување телесни повреди.
„Протераниот сириски државјанин беше предаден на властите во Дамаск утрово“, изјави портпаролот на министерството. Тој додаде дека депортацијата е извршена врз основа на договор со сириската влада. „Овој договор овозможува редовна депортација на осудени криминалци и лица кои претставуваат закана“, рече тој.
Од соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во Германија, се води дебата за тоа дали бегалците од Сирија без изгледи за престој и интеграција треба да бидат депортирани во Сирија.
Христијанско-демократската коалициска влада на канцеларот Фридрих Мерц, која е на власт од мај, како една од своите главни цели ја наведе зголемената депортација на криминалци и опасни лица.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт рече дека депортациите во земји како Сирија ќе станат норма. „Нашето општество има легитимен интерес криминалците да ја напуштат земјата“, рече Добриндт.
Фото: депозоитфотос

