Скопје
Без вода дел од Центар
Поради водоводниот приклучок на улицата 20-ти Октомври бр.30 денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата 20-ти Октомври во општина Центар.
Водоснабдување ќе биде прекинато од 9 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Делови од Скопје ќе останат без вода, најавена голема санација на 21 декември
На 21 декември, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе го затвори главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров поради санација на сериозни дефекти. Процесот на санација ќе опфати поправка на еден од поголемите дефекти на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, каде веќе десетина дена има излевање на вода на улицата.
„Додатно ќе се санираат и три други дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм, од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со улица Никола Парапунов“, соопштија од „Водовод и канализација“.
Цевководот ќе биде затворен за време на интервенцијата, а завршувањето на работите ќе биде соопштено по успешната санација.
„Овој вид на затворање на главниот цевковод не се случува често. Последен пат се изврши вакво затворање во 1991/1992 година. Интервенцијата е неопходна за отстранување на дефекти од овој тип“, велат од „Водовод и канализација“.
Со завршување на санацијата, ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се намали загубата на вода, како и ќе се ревитализира водоводниот систем од Ѓорче Петров до Карпош.
Скопје
Изгоре новогодишната елка пред ТЦ „Бисер“
Вечерва околу 18 часот, пред трговскиот центар „Бисер“ во Општина Аеродром, новогодишната елка била зафатена од пожар. Според првичните информации, причина за пожарот најверојатно се дефектни сијаличките што го украсувале дрвото
Според информациите пожарот бил пријавен во скопската противпожарна околу 18 часот, при што било интервенирано со едно возило и петмина пожарникари.
За среќа, нема повредени во инцидентот, а материјалната штета се проценува. Причината за пожарот ќе биде предмет на дополнителна истрага.
Скопје
(Видео) Вандалско однесување на малолетници во Капиштец, Герасимовски бара итна реакција
Во населбата Капиштец синоќа повторно беше нарушен јавниот ред и мир, откако група малолетни лица со непримерно однесување извршија серија вандалски активности. Тие кршеа шишиња, палеа петарди и предизвикуваа тепачки, со што ја загрозија безбедноста на локалното население.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, остро го осуди овој чин и побара итна интервенција од надлежните институции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку континуиран проблем кој бара итна реакција. Како одговорни граѓани, веќе поднесовме пријава до надлежните институции и апелираме до Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки за справување со овие недолични активности и да поведе детална истрага,“ истакна Герасимовски.
Општината апелира до Министерството за внатрешни работи да преземе брзи и ефикасни мерки за справување со ваквите појави, со цел да се спречат потенцијални трагични последици.
Градоначалникот предупреди дека малолетниците вклучени во ваквите дејства не само што им наштетуваат на другите, туку ризикуваат и да се повредат самите.
„Очекуваме брза и ефикасна реакција за да се спречи некоја поголема трагедија“, додаде Герасимовски.