Спорт
(Видео) Родители се тепаа во Детската лига, ФФМ забрани публика
По денешниот инцидент на завршниот турнир во Детската лига, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучи понатамошните натпревари од Детската лига да се одиграат без присуство на публика.
На еден од терените на ФММ во Ново Лисиче, на натпреварот меѓу Сарај и Фит Кид, генерација 2012 година, се случи тепачка меѓу родители. Родителите се тепаа на теренот, додека децата гледаат.
Видео: Youtube, Огнен Дојчиновски
ФФМ го осуди насилството, изрази разочараност и забрани присуство на публика.
Во продолжение соопштиението на ФФМ:
“Тренерите на тимовите учесници во натпреварувањето се известени да го почитуваат кодексот за фер-игра и однесување. Секое спротивно однесување ќе подлежи на дисциплински сакнции.
Фудбалската федерација на Македонија изразува длабока разочараност од инцидентот што се случи на детскиот фудбалски натпревар од финалниот турнир на тренинг центарот “Петар Милошевски”.
Она што требаше да биде настан на кој се слави спортскиот дух, тимската работа и радоста на играта беше нарушено со неприфатливото однесување на дел од присутните родители.
Како организација посветена на промовирање на позитивна и фер-плеј средина за нашите најмлади фудбалери, најостро го осудуваме однесувањето на присутните родители кои го предизвикаа и учестуваа во инцидентот. Таквото однесување е спротивно на вредностите што ги поддржуваме и примерот што се стремиме да им го дадеме на нашите деца.
Од клучно значење е сите да се стремиме кон основната цел на детскиот спорт: поттикнување развој, забава и почит меѓу учесниците.
Фудбалската федерација на Македонија како организатор на Детска лига сериозно размислуваше за драстична одлука и суспендирање на понатамошните натпревари, но таа одлука би значело само штета за сметка на радоста на децата и нивната желба за игра.
ФФМ сепак донесе одлука понатамошните натпревари да се одиграат без присуство на публика.
Исто така, тренерите на тимовите учесници во натпреварувањето се известени да го почитуваат кодексот за фер-игра и однесување. Секое спротивно однесување ќе подлежи на дисциплински сакнции.
Ги повикуваме сите родители и гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој.
Наш приоритет е да обезбедиме секое дете да ужива во играњето фудбал во безбедна и позитивна средина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јувентус се договорил со Матета, сега треба да се договори со Кристал Палас
Жан-Филип Матета постигна договор со Јувентус и го чека исходот од преговорите меѓу Кристал Палас и „старата дама“.
Италијанските медиуми открија дека Матета ја прифатил понудата на Јувентус, според која ќе заработува 4.000.000 годишно, но сега следува потешкиот дел од преговорите.
Наводно, Палас сака да собере 35.000.000 евра и бонуси, додека Јувентус нуди опција за позајмица до крајот на летото со задолжителен откуп за 28-30.000.000 евра. Оваа понуда клубот од Лондон ја одбил.
Матета врши притисок врз Палас, кој нема многу простор за маневар, поради што медиумите тврдат дека трансферот, на овој или оној начин, ќе биде договорен во наредните 48 часа.
Матета има договор до летото 2027 година и влегува во последната сезона во јуни, па Палас сигурно ќе профитира од него.
Палас за трансферот на ;Матета од Мајнц, во 2022 година, плати 11.000.000 евра.
Јасно е дека Матета доаѓа како замена за Душан Влаховиќ, кој ќе го напушти Торино како слободен играч следното лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
(Видео) Битката за Африка и пешкирот – Сенегалците жестоко го бранеа затоа што штити од црна магија?
Финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Мароко и Сенегал сè уште е најжешката тема на фудбалската јавност.
Натпреварот во Рабат тешко дека ќе се памети по фудбалскиот спектакл, но настаните ќе се раскажуваат долго време поради кои африканскиот фудбал секогаш ќе служи за потсмев.
Медиумите сега се фокусираат на драмата што се одвиваше зад голот на сенегалскиот голман Едуар Менди.
Имено, во второто полувреме, капитенот на Мароко, Ашраф Хакими, го зеде пешкирот на Менди и го фрли зад рекламите.
Сенегалскиот дефанзивец Ел Хаџи Малик Диуф веднаш реагираше, скокна преку оградата и му го врати пешкирот на Менди, но тоа вредно парче ткаенина повторно исчезна.
Тогаш на сцената се појави резервниот голман на Сенегал, Џеван Диуф (не бранеше ниту секунда на турнирнирот), кој го донесе својот пешкир зад голот на Менди и му го даде на својот соиграч да ги избрише ракавиците бидејќи врнеше дожд за време на натпреварот.
Диуф цело време остана зад голот и му „помагаше“ на својот колега секогаш кога му требаше пешкир.
Но, потоа селекторот на Мароко го замени својот играч од средниот ред Исмаел Саибари и го испрати зад голот на Сенегалците за да го спречи Диуф да му го подава пешкирот на Менди.
Резервниот голман на Сенегал успеа да го заобиколи Саибари и да му го подаде пешкирот на Менди, но потоа Мароканците решија да ги ангажираат деца кои ги носат топките.
Во еден момент, за време на акцијата на Мароко на половината на Сенегал, дури четири момчиња го нападнаа Диуф и се обидоа неколку пати да му го украдат пешкирот.
По натпреварот, Саибари одлучи да го посети хотелот на репрезентацијата на Сенегал за лично да му се извини на голманот Менди за несоодветното однесување поврзано со пешкирот на сенегалскиот голман.
Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ откри зошто Мароканците се обидоа да го добијат пешкирот на Менди.
„Сенегал и вуду пешкирот што Мароканците се обидоа да го украдат за време на финалето“ е насловот на текстот во кој се објаснува сенегалското суеверие.
„Пешкирот на Менди, според верувањето на Сенегалците, е платнено оружје кое апсорбира црна магија и ја пренесува нејзината моќ на својот сопственик. Иако многумина мислат дека е бесмислено, Мароканците дадоа се од себе за да го земат“, се вели, меѓу другото, во статијата во „Газета дело Спорт“.
Foto/ EPA
Спорт
Македонија мора да ја победи Романија, потоа ќе навива за Данска
Ракометната репрезентација на Македонија, вечерва во Хернинг, го игра клучниот натпревар, во првата фаза на 17-то Европско првенство. Од 18 часот, Макеоднија ќе се соочи со репрезентацијата на Романија.
Македонија, по нерешениот резултат со Португалија (29:29), ги задржа шансите за пласман во главната фаза. Вечерва ќе биде познато дали избраниците на Кирил Лазаров ќе продолжат во главната фаза, во група со Франција, Норвешка, Германија, Шпанија и Данска.
Познато е што и е потребно на Македонија за пласман во Топ 12. Прв услов е победа над Романија, по можност убедлива, а потоа потребен е и убедлив триумф на Данска над Португалија.
По првите две рунди во Б групата, Португалија има гол разлика +6, а Македонија -12.
Foto/ EPA

