Свет
СЗО: До 2025 година ќе склучиме глобален договор за пандемиите

Разговорите за постигнување глобален договор за подобра борба против пандемијата ќе бидат завршени до 2025 година или порано ако е можно, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Договорот, кој треба да ја подобри соработката пред и за време на пандемии, по признаените неуспеси за време на пандемијата на Ковид-19, го преговараа 194 земји-членки на СЗО две години.
Организацијата првично имаше намера да постигне договор оваа недела, но разговорите беа одложени поради длабоките поделби меѓу богатите и посиромашните земји околу прашања како што се споделувањето вакцини и подготвеноста.
Но, земјите успеаја да се договорат за паралелен договор со кој се ажурираат постојните законски обврзувачки здравствени правила, познати како Меѓународни здравствени регулативи, кои вклучуваат нова категорија на „пандемични итни случаи“ за најважните и глобално загрозувачки здравствени кризи.
„Историските одлуки донесени денес ја покажуваат заедничката желба на земјите-членки да го заштитат своето и светското население од заедничкиот ризик од кризи во јавното здравје и идни пандемии“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Целта на промените во глобалните здравствени правила е да се зајакне светската одбрана од новите патогени откако Ковид-19 уби повеќе од 7 милиони луѓе, според податоците на СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Спремни сме на директни разговори со Русија

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена за директни разговори со Русија по прекинот на огнот
„Подготвени сме да седнеме во кој било формат“, изјави украинскиот претседател за новинарите на брифинг.
Да потсетиме дека вчера и рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен за директни преговори со Киев.
Во изјавата за новинарите, Путин рече дека би било можно директно да се разговара со Киев за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура.
„Имаме позитивен став кон прекинот на огнот“, рече Путин, мислејќи на одлуката на Русија да спроведе изненадувачки 30-часовен Велигденски прекин на огнот.
Свет
Трамп разговараше со Нетанјаху: На иста страна сме за сите прашања

3Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска соопшти дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нагласувајќи дека тој е на иста страна за сите прашања со него.
„Разговаравме за многу теми“, напиша американскиот претседател на социјалните мрежи. Тој додаде дека „телефонскиот повик поминал многу добро“.
Трамп и Нетанјаху се сретнаа двапати во Белата куќа од почетокот на мандатот на Трамп и се верува дека Нетанјаху е повеќе за политиката на Трамп отколку за администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден
Свет
Објавени последните зборови на папата

Последните зборови на папата Франциско беа благодарност до неговиот здравствен асистент кој му помогна да ги поздрави верниците на плоштадот Свети Петар на Велигден, соопшти Ватикан.
„Ви благодарам што ме доведовте на плоштадот“, му рекол Франциско на Масимилијано Страпети, кој во изминатиот период му обезбедуваше 24-часовна нега на папата.
Папата Франциско (88) почина вчера по мозочен удар и срцева слабост. Претходно оваа година, тој помина пет недели во болница со двојно воспаление на белите дробови, но се врати во Ватикан пред речиси еден месец и оттогаш се чинеше дека се опоравува.
Последните денови ги поминал работејќи, спротивно на советите на лекарите кои го советувале да мирува најмалку два месеци за да му овозможи на телото да закрепне.
Погребот на папата ќе се одржи в сабота.