Македонија
(Видео) Стоилковски за Хирургија: Демири и Манолева да одговорат дали за 120.000 евра сиот здравстен систем е колабиран
Министерот Демири и заменик министерката Манолева да одговорат дали се работи за 120.000 евра санација за цела Хирургија и дали за 120.000 евра сиот здравстен систем е колабиран, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Доколку некаде ја видите д-р. Маја Манолева од СДС, потсетете ја дека е заменик министер за здравство! И прашајте ја дали е ова „нема откажување од иднината“ за кое водеше кампања два месеци? Или дали семејните бизниси, од приватно здравство до трговија со струја се поважни во моментов од Хирургија и колапсот на здравствениот систем? Д-р. Маја Манолева, заменик министер и потпретседател на лекарската комора, никаде ја нема. И уште едно прашање, дали таа ветува заштита на оние 12 директори кои функционираат на Хирургија и молчат пред проблемите?“, праша Стоилковски.
Како што рече, здравството тоне, проблемот со Хирургија и уште повеќе немањето волја брзо да се реши не може да се исклучи од аспектот за намерно рушење, односно мини државен удар во здравството.
Праша дали СДС/ДУИ свесно креираа проблем којшто го уништи столбот на терцијалното здравство, Хирургија, 12 оддели се исклучени, а нив никаде ги нема, вклучително и директорите, вклучително и оние Заеднички служби, вклучително и економскиот директор и администраторите кои заминаа на Азурен брег.
Додаде дека 12-те директори на оддели кои функционираат на Хирургија се уште немаат доблест да излезат во јавност и да проговорат за проблемите и за тоа колку пациенти со тешка медицинска состојба се оставени на чекање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

