Македонија
Деспотовски: Оние кои ќе изгубат на изборот за претседател на СДСМ да се обврзат дека нема да прифаќаат функции

Јован Деспотовски кој ја објави својата кандидатура за претседател на СДСМ, предлага секој од кандитатите кој нема да биде избран, да се обврзе дека нема да прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво.
Неприфаќањето се однесува и за позиции во институциите каде партијата назначува свои членови. Тој ги повика сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава.
Според него, учеството во трката за претседател на СДСМ не смее да се гледа како шанса за стекнување на капитал, што потоа ќе се „пазари“ за подобра позиција во партијата.
Деспотовски додава дека претседателот на СДСМ мора да биде одговорен кон членовите, а не кон различни структури и лоби групи.
„Верувам дека само со вакви конкретни и искрени постапки ќе покажеме дека навистина сме ја разбрале пораката и можеме да ја реформираме нашата партија и да поставиме нов стандард за политичко однесување“, рече Деспотовски.
Партискиот тим, како што додава, мора да биде поставен по вертикала од членовите бидејќи секоја внатрепартиски натпревар значи успех и движење по скалило, а не возење по хоризонтален пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитровски: Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакна дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, рече Димитровски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Македонија
Македонија мора да биде подготвена како Исланд за членство, а ЕУ да биде искрена и брза во поддршката, ѝ порача Кос на Зајкова

„Македонија мора да ја направиме подготвена како Исланд за членство, да бидеме со усогласено законодавство и европски стандарди дома, а Европската Унија да биде искрена, брза и креативна во поддршката на нашиот европски пат, вреднувајќи го напредокот на земјите според исполнетоста на стандардите и вредностите на ЕУ односно согласно Копенхашките критериуми“, беше пораката на претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, утрово во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан.
Зајкова и Кос разменија мислења за европската перспектива на Северна Македонија и итноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Во разговорот Зајкова истакна дека Македонија не смее да биде изоставена на европскиот пат, кој треба да се темели исклучиво врз основа на критериумите од Копенхаген.
На средбата беше договорена и скорешна официјална посета на Брисел на претседателката на ЛДП, Зајкова, која е воедно и претседателка на либералите од југоисточна Европа – ЛИБСЕН. Во пријателски позитивниот разговор беше постигната заедничка согласност дека кредибилна европска перспектива за Западен Балкан е клучна за стабилност и развој на регионот.
Зајкова уште еднаш се заблагодари на ЕУ за итната реакција по трагедијата во Кочани, посочувајќи ја вклученоста на Македонија во Европскиот систем за справување со кризи како одличен пример дека целосната европска интеграција има огромно значење за секојдневниот живот на македонските граѓани.
Македонија
Почина уште еден повреден во пожарот во Кочани кој се лекуваше во Белград

Министерството за здравство информира дека согласно информации од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне, за жал, подлегна на повредите Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.
Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинската Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец.
Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад.
Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.
Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани.