Свет
Северна повторно и’ испрати на Јужна Кореја балони полни со ѓубре
Северна Кореја пушти стотици балони полни со ѓубре кон јужниот сосед, соопшти јужнокорејската војска.
Од вчера до утринава во различни делови на Јужна Кореја биле пронајдени околу 600 балони лансирани од Северна Кореја, соопшти Заедничкиот штаб.
На граѓаните им се препорачува да внимаваат поради паѓање на шут и да не допираат предмети за кои постои сомневање дека дошле од север.
Во главниот град Сеул, градскиот совет испрати СМС пораки предупредувајќи дека неидентификувани објекти – за кои се сомнева дека се од Северна Кореја – се откриени на небото во близина на градот. Засега нема извештаи за повредени или материјална штета.
Претходно оваа недела, владата на Ким Џонг Ун лансираше стотици балони полни со ѓубре кон Јужна Кореја.
Од вторникот навечер до средата, во делови на Јужна Кореја биле пронајдени околу 260 севернокорејски балони.
Што имаше во балоните?
Беа испратени тимови за брза реакција и деминирање на хемикалии за отстранување на остатоците. Војската соопшти дека балоните пренесувале различни видови ѓубре и ѓубриво, но не содржеле опасни материи како хемиски, биолошки или радиоактивни субстанци.
Пронајдени се некои балони со тајмери кои сугерираат дека се дизајнирани да пукаат со отпадот во воздухот.
Ким Јо Јонг, сестрата на лидерот, во средата рече дека нејзината земја ја исполнува својата закана да го растера купот ѓубре.
Таа додаде дека ова е одговор на јужнокорејските активисти кои преку граница испраќаат летечки транспаренти против Северна Кореја.
„Кога ќе доживеете колку е гадно и исцрпувачко да одите наоколу и да собирате ѓубре, ќе сфатите дека не треба така лесно да зборувате за слободата на изразување кога станува збор за флаери во пограничните области“, рече таа.
„Јасно ќе ставиме до знаење дека во иднина ќе одговориме со 10 пати повеќе ѓубре отколку што ни фрлаат Јужнокорејците“, додаде.
Шин Вон-сик, министер за одбрана на Јужна Кореја, го опиша потегот како „незамисливо однесување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

