Економија
Семеен ден на Макстил со децата поддржани од СОС Детско село

На традиционалниот семеен ден на Макстил годинава се приклучија 20 згрижувачки семејства со 60тина деца од СОС Детското село. Од оваа година Макстил стана нов стратешки партнер на СОС Детско село и зеде под закрила една од згрижувачките куќи, обезбедувајќи целосно покривање на трошоците за пет деца и нивното згрижување во текот на цела година.
„Макстил и СОС Детско село, сега се еден вид семејство и соодветно беше нашиот семеен ден да го поминеме со новите членови на семејството. Оваа година одржувањето на традиционалното дружење на вработените на Макстил со семејствата се совпадна токму со Меѓународниот ден за згрижувачки семејства, што го направи за нас овој ден посебен. Да се градат семејни вредности, да се поддржуваат ваков тип проекти за нас е многу повеќе од зборови, и повеќе од финансиски средства. За нас оваа соработка претставува поддршка на згрижувачките семејства, децата и младите и воедно градење на основи за здраво и праведно општество за идните генерации. Со ова наше стратешко партнерство сакаме да покажаме дека со поинаков пристап може навистина да се направи голема промена“, изјави Марија Дуковска – Павловска, генерален директор на Макстил.
Повеќе од 600 вработени и нивните семејства, заедно со децата поддржани од СОС Детско село го поминаа саботното попладне пред Управната зграда на Макстил, при што беа спроведени семејни и спортски активности и различни тематски работилници, а можеа да проследат и интерактивна музичко-драмска претстава, групно танцување и да уживаат во настапот на музичкиот бенд.
„Големо беше изненадувањето и радоста по добивање на поканата од нашиот партнер Макстил за приклучување на нивниот семеен ден за нивните вработени и тоа токму на денот на згрижувачите. Со радост ја прифативме оваа можност дел од семејствата поддржани од СОС Детско село да бидат присутни на овој преубав и забавен настан. За едно дете да расте среќно, задоволно, исполнето и за да напредува натаму во животот, неопходна му е поддршката која што ја добива во семејството. Многу деца во светот не се во можност да живет со своето семејство и имаат потреба од алтернативна грижа што значи сместување на оваа ранлива група на деца во други семејства. Овој ден ги слави хероите кои одлучиле да ги отворат своите срца и домови и живеат една хумана мисија и се грижат за овие деца со многу љубов, толеранција и поддршка. Благодариме на Макстил се надеваме дека овој пример ќе го следат и други компании“, изјавија од СОС Детско село.
1 јуни е Ден на згрижувачките семејства. Од самото основање до денес, СОС Детското село посветено работи на обезбедување квалитетна алтернативна грижа за деца без родители и родителска грижа и своето успешно 23 годишно искуство го заокружува со развој на иновативна програма за поддршка на згрижувачките семејства. Новата унапредена услуга за стручна помош и поддршка на 74 згрижувачки семејства и сигурно опкружување за вкупно 140 деца и млади се обезбедува преку Центарот за поддршка на згрижувачки семејства.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Меѓународни експерти за енергетика и Германското друштво за меѓународна соработка со поддршка за енергетскиот форум

Министерката Сања Божиновска оствари работна средба со Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во нашата земја.
Средбата беше фокусирана на зајакнување на тековната соработка меѓу министерството и ГИЗ, со посебен акцент на подготовките за претстојниот 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година во Скопје, под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“
Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и и минерални суровини, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации.
ГИЗ, како долгорочен партнер на Македонија во областа на одржливиот развој и енергетиката, ја потврди својата подготвеност да даде активна поддршка на настанот – преку мобилизација на меѓународни и домашни експерти, како и учество во концептуализација и организација на тематски панел-дискусии, информираат од кабинетот на министерката.
Во рамките на средбата, беше направен преглед на тековните проекти што се реализираат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, особено во доменот на енергетската ефикасност. Двете страни изразија задоволство од досегашните резултати, кои покажуваат конкретен напредок во унапредувањето на националните капацитети и подобрување на условите за поефикасно управување со енергетските ресурси.
Покрај актуелните иницијативи, разговарано беше и за идните правци на стратешка соработка. Притоа, беа разгледани можности за развој на нови заеднички проекти за 2026 година, кои би се фокусирале на поддршка на процесот на енергетска транзиција, дигитализација на енергетскиот сектор, како и унапредување на институционалните капацитети преку техничка и експертска помош.
Божиновска ја нагласи важноста на континуираната поддршка од страна на ГИЗ, оценувајќи ја оваа соработка како исклучително вредна за унапредување на одржливите и инклузивни политики во енергетскиот сектор. Таа додаде дека Министерството останува отворено за понатамошно продлабочување на партнерството, со цел обезбедување стабилна, зелена и иновативна енергетска иднина за граѓаните на Македонија.
Економија
Мицкоски: Нема мито како во минатото, нема вештачки сопки, во енергетиката имаме пазарно ориентирани инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со планот на Владата за тоа како Македонија ќе стане енергетски независна држава, бидејќи често се зборува за инвестиции во енергетиката, изјави дека очекува вкупното производство на електрична енергија кај нас, да биде еднакво на потрошеното.
„Тоа не значи дека во одредени периоди нема да увезуваме – да, ќе увезуваме, но во одредени периоди ќе извезуваме. И кога сето тоа ќе се собере, одземе, тогаш ќе дојдеме до една бројка којашто ќе биде избалансирана, уште оваа година ќе биде така. Претпоставувам дека јавноста е сензибилизирана, од страна на опозицијата и се поврзува со Меморандумот за разбирање што го потпишавме со турската компанија „АКСА“ за инвестиција во вредност од една милијарда евра. Бидејќи така беше и за „Алказар“ – тврдеа дека ќе имале повластена цена, не знам ваква компанија, таква компанија. Нити видовте има повластена цена, нити има било какви бенефиции компанијата. Во рок од една година, компанијата стави камен-темелник на својата инвестиција која ќе биде половина милијарда долари. Тоа за претходната Влада беше научна фантастика. Таму, се сеќавате, се нудеа даночни олеснувања за инвеститори, загарантиран откуп на топлинска, на електрична енергија, итн“.
Како Влада нагласи премиерот, се проговара исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции.
„Ние преговараме исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции. Да, како Влада, институционалниот ризик ќе го преземеме, да олесниме. Нема како во минатото мито да се бара, нема вештачки препки да се ставаат во рамките на администрацијата за да се почасти некој. Тоа нема да се случи. Затоа работите одат брзо и ефикасно – така ќе биде и со компанијата „АКСА“. Сега, дали сите сакаме гасификација? Сите велеа, сакаме гасификација. Сакаме почист воздух. Ние рековме: ќе треба време. Не може ова преку ноќ. Ќе треба време. Еве почнуваме тоа да го правиме, да обезбедуваме инвестиција милијарда евра. Топлина ќе произведуваат, ќе се произведува електрична енергија. А сега тоа не им чини. Зошто? Затоа што Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата направи нешто што за нив беше научна фантастика во минатото. Тие шетаа наоколу и нудеа бенефиции, ама играа пола-пола. Така играа – пола за овој и затоа никој не инвестираше. Сега се ова исклучиво пазарно ориентирани инвестиции, без ниту еден цент повластувања од страна на Владата. Не треба веќе да се оди повеќе – нити во Мала Речица, нити да се оди горе на Бихаќка. Па пола таму, пола ваму. Овде си е пазарно ориентирана инвестиција. Не треба да се купуваат трговски центри. Не треба да се купуваат скапи „Мајбах“ автомобили. Не треба да се купуваат скапи дуќани во центарот на градот. Ништо не треба, само да се инвестира за доброто на граѓаните. Ете тоа е разликата меѓу овие што сега од опозиција критикуваат, а седум години единственото нешто што го правеа беше криминал и барање мито – и оваа Влада, која гради. Тоа е разликата“, кажа Мицкоски.
Економија
Владата ќе откупи 9.000 тони пченица и 2.400 тони ориз и оризова арпа

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот настан по повод свечено пуштање во употреба на базен од затворен тип кој се наоѓа во состав на ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во Општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во врска со стоковите резерви, изјави дека на владина седница е донесена одлука да бидат откупени околу 9.000 тони пченица и околу 2.400 тони ориз и оризова арпа од реколтата 2024.
„Во првиот случај кај пченицата можеби ќе го погрешам бројките, но има право секој индивидуален производител да конкурира со количина од 5 до 30 тона, а кај оризот и оризовата арпа 3 до 20 или 30 тона така нешто беше се сеќавам. Ова за првпат се прави посебно за оризот и мислам дека во многу нешта ќе ги олесни предизвиците на оризопроизводителите, но и оние коишто одгледуваат пченица, така што, ова за првпат како Влада го направивме со измени во законот, стана стратешка култура оризот и на тој начин сега и стоковите резерви ќе имаат ориз.“