Македонија
Скопско ја продолжува мисијата ‘Наша гордост. Наша одговорност.’: волонтери, инфлуенсери и нуркачи го чистеа Охридското езеро и крајбрежјето
Култниот пивски бренд на Пивара Скопје – СКОПСКО успешно ја заврши големата еко-акција за чистење на Охридското Езеро, која се одржа на 1-ви јуни 2024 година. Оваа акција, во рамки на долгорочната платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ мобилизираше голем број волонтери кои заедно со нуркачкиот клуб Амфора го чистеа Охридското езеро и неговото крајбрежје.
„Со гордост објавуваме дека преку оваа акција успеавме да исчистиме неверојатни 120 метри кубни отпад – цврст и пакувачки отпад, метални конструкции и автомобилски гуми на 6 различни локации, а во акцијатa беа вклучени вкупно 170 нуркачи и волонтери. Нашата долгорочна цел е да ја подигнеме свеста за важноста на зачувување на нашата природна средина. Ова е само дел од нашите постојани напори да ги заштитиме и сочуваме природните богатства, симболите на нашата гордост и културно наследство. Оваа кампања ја нагласува долгорочната заложба на СКОПСКО за одржливост, повикувајќи ги сите да придонесат за почиста, позелена иднина,“ вели Марта Завкова, сениор бренд менаџер за СКОПСКО во Пивара Скопје.

Членовите на нуркачкиот клуб Амфора инспирираа многумина да се приклучат во акцијата и ја подигнаа свеста за важноста на поддршката на ваквите иницијативи, како локално, така и во земјите од регионот. Оваа година, како дел од акцијата се вклучија 70 нуркачи од кои 20 беа нуркачи од регионот.
„Во текот на акцијата нуркачите од нашиот клуб успеаја да извадат голема количина отпад од подводниот дел на езерото, Благодарност до СКОПСКО и сите волонтери кои ја поддржаа и учествуваа во оваа акција. Сите заедно, со мали но значајни чекори, можеме да го зачуваме нашето природно наследство и да обезбедиме чиста и здрава животна средина за идните генерации,“ изјава Јован Секулоски од Амфора.

Како потсетување, минатата година во рамки на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ беа реализирани акции за чистење на дното на Охридското Езеро и крајбрежјето, како и поставување на пловни препреки на реките Сатеска и Даљан, за да се спречи загадувањето на езерото со пловен отпад.
Овој проект целосно ги поддржува заложбите на Пивара Скопје за одржлив развој во рамки на платформата „Свет без отпад до 2030 година“, како и намалување на нето јаглеродните емисии на компанијата до 2040 година.

Како компанија ориентирана кон иднината, Пивара Скопје преку СКОПСКО платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ ќе опфати и други национални обележја во земјата и ќе ги обедини граѓаните, организациите и институциите кои ги делат истите вредности и заложби за одржлив развој.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.
Македонија
Петти конгрес на ДУИ – Ахмети бара нов историски договор
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници. – Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт, рече Ахмети.
Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
-Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите, рече Ахмети.
Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.
Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.
Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“. На крајот од обраќањето Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.

