Македонија
Сиљановска Давкова со францускиот амбасадор Бомгартнер: изразена надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, што се карактеризираат со традиционално пријателство, отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес.
На средбата се разговараше за македонските аспирации за членство во Европската Унија, како стратешки приоритет на државата. Во тој контекст Сиљановска Давкова истакна дека поддршката од страна на нашите пријатели и партнери во ЕУ, вклучувајќи ја и Франција, за нас е високо ценета и значајна.
Сиљановска Давкова изрази очекување за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, преку враќање на вербата во мериторниот процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхагенските критериуми.
Сиљановска Давкова изрази надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите кои се главен национален приоритет и воедно изрази очекување за подлабока соработка со Француската петта република за примена на француските искуства во развојот на демократијата.
Во контекст на владеење на правото како прв и најважен критериум од Копенхаген, таа ги посочи актуелните внатрешни предизвици врзани за нарушениот уставен принцип на поделба на власта без која нема парламентарна демократија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– Во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улицата 1 Мралино, општина Илинден;
– Во периодот од 09:00 до 11:00 часот, корисниците од улиците Васил Ѓоргов, Народен Фронт, Јуриј Гагарин, општина Центар;
– Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците на улицата Иван Хаџиниколов, општина Кисела Вода;
– Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Московска околу Аптека Зегин, општина Карпош;
– Во периодот од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од Горно Оризари, Глуво, Рудникот на Гранит во село Бразда, општина Чучер Сандево;
– Во периодот од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од улицата 5 и улицата 7 Јурумлери, општина Гази Баба.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена, а кон крајот на денот зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Времето во наредните денови
Од среда следува период на променливо облачно и топло време со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. До петок дневните температури ќе бидат во пораст, а за време на викендот ќе опаднат за неколку степени.
Македонија
Муцунски во Северна Рајна – Вестфалија: Ново поглавје во нашето партнерство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна – Вестфалија. Во рамки на посетата, министерот оствари средба со својот домаќин, министерот за сојузни, европски, меѓународни работи и медиуми и шеф на државната канцеларија на покраината, Натанаел Лимински, како и со државниот секретар Марк Шпајх.
Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и динамичната соработка што се развива во изминатиот период. Министерот Муцунски истакна дека Северна Рајна – Вестфалија е исклучително доверлив партнер на нашата држава – како во политичката и економската сфера, така и во поддршката на европската интеграција. Тој изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка од покраината, како и за личниот ангажман на министерот Лимински во унапредувањето на политичката, економската и институционалната соработка.
„Оваа покраина е седиште на многу водечки германски компании и дом на бројна македонска дијаспора – фактори што дополнително ги зацврстуваат нашите односи. Заеднички изразивме уверување дека оваа посета отвора ново поглавје во нашето партнерство и дека ќе продолжиме со конкретни активности за унапредување на политичките и економските врски“, изјави министерот Муцунски по средбата.
Во рамки на работната посета, министерот Муцунски оствари и средба со Феликс Нојгарт, директор на Агенцијата за трговија и инвестиции на Северна Рајна – Вестфалија. Разговорите беа посветени на можностите за понатамошно интензивирање на трговската соработка, реализација на нови инвестиции во стратешки сектори, како и на продлабочување на партнерствата во области како што се енергетиката, туризмот, напредните технологии и дигитализацијата.
Дополнително, беа разгледани поволностите што ги нуди нашата држава за странските инвеститори, како и подготвеноста на Владата да биде активен и сигурен партнер во реализацијата на нивните проекти. Соговорниците се согласија дека постои реален потенцијал за унапредување на трговската и економската соработка во наредниот период.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски вчера ја посети и македонската заедница во градот Солинген, каде оствари средба со бројната и активна дијаспора.