Свет
Хакан Фидан: Турција сака да стане членка на БРИКС

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, денеска изјави дека Турција сака да стане членка на БРИКС.
„Секако, би сакале да станеме членка на БРИКС. Ќе видиме како ќе биде оваа година“, изјави Фидан во Пекинг за време на тридневната посета на Кина, пишува „Саут Чајна морнинг пост“.
Фидан додаде дека со нетрпение очекува да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на БРИКС, што ќе се одржи следната недела во Русија како дел од подготовките за октомврискиот самит во Казан.
Се очекува една од темите на агендата да биде можноста Турција да се приклучи на БРИКС, пишува „Саут Чајна морнинг пост“.
Фидан смета дека БРИКС е „добра алтернатива“ на Европската Унија за Турција кога станува збор за подобрување на економските перспективи на Турција.
Министерот додаде дека еден од важните столбови на турската надворешна политика е формирањето силни економски врски во институционална форма.
Тој посочи дека поради идентитетската политика, некои големи земји од Европската Унија никогаш не дозволиле Турција да стане полноправна членка на европскиот блок, иако таа долго време се обидуваше да се приклучи.
„Значи, мора да барате други алтернативи“, потенцира Фидан.
Турскиот министер истакна дека БРИКС „има уште долг пат да помине“, но дека е важна платформа за соработка што нуди добри можности.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека Кремљ го поздравува интересот на Турција за БРИКС и дека на оваа тема ќе се разговара на претстојниот самит на организацијата во Казан, пренесува „Комерсант“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.
Свет
Откриен можниот мотив на убиецот од Њујорк – оставил проштално писмо

Шејн Девон Тамура (27), напаѓачот кој вчера уби четири лица во деловна зграда во Њујорк, пред да си го одземе животот, оставил проштално писмо во кое тврдел дека боледува од хронична трауматска енцефалопатија (ЦTE) и побарал неговиот мозок да биде анализиран по смртта, јавува „Си-ен-ен“.
Во краткото писмо од три страници, пронајдено во неговиот џеб по пукањето, Тамура напишал: „Тери Лонг и американскиот фудбал ми ја донесоа ЦTE, поради што испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“ Тери Лонг, поранешен играч на Pittsburgh Steelers, беше дијагностициран со ЦTE и изврши самоубиство во 2005 година.
Тамура во пораката додал: „Ве молам, проучете ми го мозокот. Жал ми е. Кажете им дека ми е жал за сè.“
Според извори на „Си-ен-ен“, Тамура во младоста играл американски фудбал, што дополнително го поддржува неговото тврдење дека страдал од ЦTE – болест што најчесто се поврзува со повторувачки удари во глава кај спортисти, дури и без забележани потреси на мозокот.
Според досегашните сознанија, Тамура бил незадоволен од начинот на кој Националната лига за американски фудбал (NFL) со години го игнорира проблемот со ЦTE, кој е потврден кај бројни поранешни играчи по нивната смрт, а многумина имаат проблеми и додека се живи. Полицијата претходно објави дека Тамура имал „историја на ментални нарушувања“.
Тој влегол со пушка во зградата каде се наоѓа седиштето на NFL и почнал да пука во фоајето, а потоа и на 33. кат, пред да си го одземе животот. Еден вработен во NFL е тешко повреден, додека останатите биле навреме евакуирани.
Пријател од училишните денови, Калеб Кларк, го опишал Тамура како „најголемиот шегаџија во одделението, полн со енергија“. „Никогаш не би помислил дека би можел да биде поврзан со насилство. Луѓето му велеа дека е талентиран и посебен, но тој никогаш не кажуваше дека ќе игра во NFL,“ изјавил Кларк.
Во 2015 година, Тамура се преселил во Гранада Хилс и работел во казино во Лас Вегас, каде што поседувал дозвола за носење оружје.
Свет
Кремљ: Путин му се јави на Нетанјаху, разговараа за Сирија и за Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин, разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави прес-службата на Кремљ. Според руските власти, лидерите на двете земји разговарале за напнатата ситуација на Блискиот Исток.
„Руската страна ја потврди својата цврста позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот“, вели Кремљ. Путин ја нагласи важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Рускиот претседател исто така ја изрази подготвеноста на Русија да помогне во наоѓањето преговарачки решенија поврзани со нуклеарната програма на Иран.