Европа
(Видео) Откриени последните зборови на девојката што ја однесе порој во Италија
Бјанка Дорос (23) и Патриша Кормос (20), девојки по потекло од Балканот кои ги зафати порој во Италија, ќе бидат погребани денеска во Удине во венчаници, како што налага традицијата во нивната родна Романија. Трагичната смрт на две млади девојки, чии тела беа извлечени од водата два дена откако тие и нивниот пријател Кристијан беа однесени од порој, го шокираше целиот свет, а сега се откриени последните зборови на едната од нив.
Имено, како што е утврдено, на кобниот 31 мај, Патриша четири пати повикала итната помош за да ја извлечат неа и нејзините пријатели од брзата вода. Дојдоа во Удине да се прошетаат покрај реката, да се опуштат по напорните испити.
Не знаеле дека е на сила портокаловиот метеоролошки аларм и дека реката во близина на која оделе почнала да се издигнува со молскавична брзина, а струјата носи се пред себе. Не поминало долго пред водата да им допре до глуждовите, потоа до колената и половината, потоа до вратот и ги однесе низводно.
Случајните минувачи ја снимиле нивната грчевита прегратка додека се обидувале да се спротивстават на огромната струја.
„Јавете се кај мајка ми“, очајно им викаше Патриша на спасувачите, диктирајќи која е и од каде е, обидувајќи се да најде спас.
Истрагата утврдила дека Патриша упатила дури четири повици до итната помош, а на последниот никој не одговорил.
Според обвинителот, таа го направила првиот повик во 13 часот и 29 минути, а останатите следеле во следните минути.
Обвинителството сега треба да утврди зошто младите првенствено решиле да пешачат покрај реката кога времето е лошо, зошто им требало толку време на спасувачките служби да одговорат на повиците, како и зошто луѓето кои се нашле на мостот ја снимиле нивната грчевита прегратка наместо да им помогнат.
Телата на Бјанка и Патриша беа пронајдени дури на 2 јуни, на 700 метри и километар од местото каде што последен пат биле видени, додека спасувачите сè уште неуморно го бараат третото лице.
Површинскиот преглед на телата на несреќните девојки покажа дека тие починале поради давење и бројни повреди по телото. Понатамошна обдукција не е извршена, за телата да им бидат предадени на семејствата и да бидат погребани.
Телата беа донесени во капелата во вторник, каде денеска ќе се одржи богослужба. Според медиумите, богослужбата ќе ја служат и православен и католички свештеник, а погребот е закажан за 16 часот на локалните гробишта во Удине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.
Европа
НАТО: Новата руска ракета нема да нè одврати да ја поддржиме Украина
Експерименталната ракета со среден дострел истрелана од Русија кон Украина нема да влијае на текот на војната или на поддршката на НАТО за Киев, изјави портпаролката на алијансата.
Портпаролката на НАТО, Фарах Даклала, изјави за АФП дека рускиот напад во четвртокот на Днепар е „уште еден пример за руски напади врз украинските градови“, додавајќи:
„Користењето на овој капацитет нема да го промени текот на конфликтот или да ги одврати сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.