Скопје
Традиционалниот Илинденски марш оваа година помасовен
Здружението на граѓаните од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“ годинава подготовките ги почна порано од вообичаеното. Традиционалниот марш по повод еден од најголемите македонски национални празници – Илинден ќе се одржи 46. пат.
Причина за овие подготовки, како што информираат од Здружението, е огромниот интерес за учество на Илинденскиот марш, и тоа не само од Аеродром туку и од други општини и градови, како што се Кичево, Маврово и Свети Николе, така што се очекува традиционалната манифестација годинава да биде многу помасовна. Право на учество во маршот имаат сите заинтересирани мажи и жени од цела држава на возраст од 16 до 76 години, а досега покрај аеродромци, има пријавени коњаници од Кичево, Маврово и Свети Николе. Рокот за пријавување е до 30 јуни.
Коњичкиот марш почнува од паркот „Јане Сандански“ во општина Аеродром кога на коњаниците им се предава општинското знаме, а крајната дестинација е Крушево, каде што треба да стигнат на 2 Август. Коњаниците придружувани од фаланга и игроорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатуваат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче минувајќи низ главните булевари на општината.
Пред испраќањето на илинденците секоја година се одржува свечена литургија по што традиционално се организира и богата музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници.
Општина Аеродром и оваа година финансиски ќе го поддржи Илинденскиот марш како една од најголемите и најзначајни манифестации во Аеродром, со што се негуваат традицијата и македонската култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Ѓорче Петров со прво признание за лидерство во енергетската транзиција и развој на енергетски заедници
Општина Ѓорче Петров со ново признание – прва општина во Република Македонија која официјално е акредитирана како дел од европската иницијатива LIFE LOOP – престижна програма на Европската унија што поддржува енергетска транзиција, одржлив локален развој и создавање енергетски заедници.
Со ова признание, Ѓорче Петров се вбројува меѓу иновативните европски општини кои активно промовираат нови решенија за чиста енергија и ја поттикнуваат соработката меѓу граѓаните, институциите и приватниот сектор во насока на зелена и енергетски одржлива иднина.
Добивањето на официјалниот сертификат за поддршка и развој на енергетски заедници претставува значаен успех на општината на патот кон остварување на визијата за почиста енергија, повисока транспарентност, поголемо учество на граѓаните и заеднички енергетски решенија.
Проектот LIFE LOOP се фокусира на развој на локални енергетски заедници преку кои граѓаните директно учествуваат во процесите на производство, потрошувачка и управување со обновливи извори на енергија. Овој модел, кој веќе успешно се применува во неколку земји од Европската унија, создава нова култура на енергетска солидарност и заедничка одговорност.
Општината преку своите стратешки планови и досегашни инвестиции во одржлива инфраструктура, покажува континуирана посветеност кон енергетската ефикасност, заштитата на животната средина и имплементацијата на европски стандарди во локалното управување.
„Ова признание е резултат на нашата визија за зелена, ефикасна и одговорна општина, која се грижи за своите граѓани и ја гради иднината на темели на одржлив развој. Благодарност до сите партнери, институции и граѓани што активно се вклучуваат во процесите на енергетска транзиција. Ѓорче Петров уште еднаш го потврдува својот статус како пример за модерно, енергетски свесно и европски ориентирано локално управување“, рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Следниот чекор е изработка на локална стратегија за развој на енергетски заедници, што ќе овозможи нови инвестиции во обновливи извори на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и зголемување на квалитетот на живот за сите жители, се наведува во соопштението на Општината.
Македонија
Извршена есенска дезинфекција, дезинсекција и дератизација на територијата на општина Илинден
Во согласност со програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2025 година, општина Илинден изврши есенска дератизација за уништување на глодарите и дезинфекција на јавните објекти на територија на општината.

„Со дератизацијата се опфатени 1073 шахти што се наоѓаат на јавните површини во општина Илинден, а дезинфекција е извршена на 3300 метри квадратни јавни објекти, меѓу кои Општинската зграда и Домовите на култура на територија на општина Илинден.

Со оваа акција, општина Илинден уште еднаш потврдува дека превенцијата и грижата за јавната хигиена се врвен приоритет. Во насока на спречување и сузбивање на заразни болести и инфекции, Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со примена на сите потребни мерки за заштита на населението“, велат од општина Илинден.
Македонија
„Стевчо Јакимовски да каже како неговото семејство стекнало градежни парцели во Жданец и луксузна хациенда во Грција“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Стевчо Јакимовски, кој постојано зборува за јавниот интерес, треба конечно да објасни како парцели што според деталниот урбанистички план биле означени како зеленило, одеднаш станале градежни парцели. И како се купува хациенда во Грција“, прашува ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Јакимовски одамна се обидува да го претстави своето владеење како пример за ‘транспарентност’, но во реалноста би можел да послужи како пример за тоа како личниот интерес може да се сокрие зад службен печат и јавна должност.
Во рок од една година, членови на неговото семејство се појавуваат како сопственици на имоти во најскапата зона на општина Карпош, Жданец, токму во делот каде што живее и самиот Јакимовски.
Сосема легитимно прашање е јавноста да знае како од парцели за зеленило станаа градежни парцели.
Семејството на Стевчо Јакимовски во истиот период од таа една година се стекнало и со луксузна вила во Грција.
Доволно е од приказните за ‘искусен градоначалник’, искуството што го покажа е искуство претворање на јавен интерес во имотен лист.
Карпошани не се должни да слугуваат во процесот на енормно богатење на Стевчо Јакимовски“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

