Култура
Светскиот виртуоз на виолина Џулијан Рахлин ќе го отвори 64. Охридско лето
Светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 64. издание на фестивалот Охридско лето. Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, објавувајќи ја фестивалската програма за ова издание.
„Годинава, за свеченото отворање на Античкиот театар ви најавувам грандиозен концерт со светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, еден од највозбудливите и најпочитувани виолинисти, кој ја маѓепсува публиката во целиот свет со својот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација. Славниот виолинист и диригент ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија“, изјави Поповиќ.
Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, како и Центарот за култура „Григор Прличев“, и годинава ќе бидат локациите на кои ќе се случуваат најголемите уметнички настани од 12 јули до 20 август.
„Од 12 јули до 20 август на отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, предворјето на „Св. Софија“, како и црквата „Св. Софија“ и Центарот за култура, ќе пречекаме над 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и, секако, уметници од Република Северна Македонија“, најави Поповиќ.
Уметничката програма конципирана од селекторката Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 неповторливи доживувања, од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации и по една изложба и промоција на книга.
„И оваа година зачекоривме со голема возбуда, но и со стремеж да го зачуваме реномето на најпрестижна културно-сценска манифестација. Предизвикот да се биде домаќин на уште едно незаборавно издание на фестивалот Охридско лето нè обврза да понудиме квалитет со кој на сцената 64-ти пат ќе одекне магијата на многуте светски музички гласови и творечкиот дух на врвните театарски претстави. Изминатиот период, работејќи посветено и професионално, успеавме да ги завршивме подготовките во делот на програмата. Особено ме радува што и годинава успешно го реализиравме проектот ‘Концерти преку целата година’, со што понудивме исклучително квалитетни настани. Со ваквата новина обезбедивме континуитет во поглед на успешна и квалитетна програма, која ќе му даде обележје на фестивал што ги следи светските трендови“, појасни директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Селекторката на музичката програма, Бисера Чадловска, рече дека секоја година ја конципира програмата на фестивалот Охридско лето според искуството од претходната година.

„Се трудам да ги следам реакциите на публиката и моите сопствени впечатоци и да дојдам до заклучок што недостига и што би можело се промени, додаде или одземе. Оваа година шеесет и четвртото издание на фестивалот на публиката ќе ѝ донесе исклучителна можност да го слушне еден од најпознатите светски виолинисти, Џулијан Рахлин. Уште поинтересно е што тој ќе настапи како диригент и виолинист мзаедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Исто така, како селектор на музичката пограма, но, пред сè, како диригент, среќна сум што Македонската филхармонија ќе настапи на отворањето на фестивалот Охридско лето по подолго време, токму во годината кога институцијата одбележува 80 години од своето постоење“, рече Чадловска.
Репертоарот на класичната музика ќе донесе звучни имиња, меѓу кои пијанистот Бери Даглас од Велика Британија, гитаристот Герхарт Рајхенбах од Германија, како и француско-белгиското дуо на виолончело и пијано, Ками Тома и Џулиен Брокал. На програмата ќе биде и светски познатиот гитарист Влатко Стефановски. Роденденот на Охридско лето на Долни Сарај ќе се прославува со спектакуларен настан, со салса-ансамблот „Меркадонегро“.
Годинешното Охридско лето, според драмската селекторка Сања Арсовска, ќе донесе разнолика театарска авантура, разноликост во стиловите, формата, естетиката и драматургијата и, како што рече, на ова издание ќе има три премиерни изведби.
„Првата премиера на Охридско лето ќе се биде на 22 јули со претставата ‘Галеб’ на Битолскиот народен театар, а во режија на Багријана Попов. По ова, на 28 јули, следува уште една премиера на Шекспировата „Кралот Лир“, во продукција на Lit Moon theatre company од Калифорнија, САД, а во копродукција со Финска, Ерменија, Македонија. Претставата е режирана од Џон Блондел. Третата премиера е од театарот „Џинот“ од Велес на 30 јули. Се работи за претставата „Рацин“, работена според делото на нашиот непослушен комунистички романтичар, по драматизација на Сашо Димовски, а режија на Дејан Пројковски“, најави Арсовска.
Покрај премиерите, драмската програма на 64-тото Охридско лето ќе ги донесе и театарските претстави „Безгрешна“ со СНГ драма од Марибор, „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмскиот театар од Белград, стендап-шоу на српскиот и холивудски актер Никола Ѓуричко, како и претставата „Алиса во земјата на стравовите“, во продукција на Југословенскиот драмски театар – Белград, која ќе ја спушти завесата на годинешното фестивалско издание.
На денешната прес-конференција беше претставено и годинешното идејно решение за рекламниот материјал изработено од маркетинг-агенцијата „Идеа плус“. Дизајнот прикажува стилизирана женска фигура, која свири виолина, стоејќи на традиционален охридски чун. Музичките ноти околу фигурата ги симболизираат хармонијата на музиката и природните убавини на Охрид, со фенерот како симбол, кој фестивалот го позиционира како водилка во светот на културата. Изборот на темносината заднина со контури на маски има цел да создаде мистична и спокојна атмосфера потсетувајќи на долгогодишната традиција и на театарот како дел од фестивалот.
И на 64-тото издание нема да изостане поддршката што фестивалот Охридско лето традиционално ја добива од амбасадите на странските земји кај нас. Директорката Поповиќ изрази огромна благодарност до претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова како покровител на манифестацијата, до Владата на РС Македонија, која преку ресорното Министерство за култура вложува во развојот и унапредувањето на културата во државата, до Општина Охрид, како и до генералниот спонзор на Охридско лето, „Македонски телеком“, до другите спонзори, помагателите, до медиумите и сите љубители на уметноста и културните вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

