Македонија
Силјановска-Давкова го додели мандатот за состав на нова влада: Мицкоски има рок од дваесет дена да ја формира
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска му го додели мандатот за состав на нова влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Според Уставот, односно според член 84, став 1, алинеја 1, една од надлежностите на претседателот е доделување мандат за состав на влада.
Во согласност со член 90, став 1, алинеја 1, мандатот задолжително се доделува во период по истекот на десет дена од конституирањето на Собранието, и тоа на лидерот на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Сведоци сме дека денеска истекува десетиот ден“, нагласи претседателката на чинот на доделување на мандатот.
„При конституирањето на Собранието, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа ‘за’. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас зад својата програма и зад составот на владата, што, се разбира, ќе го предложи во следните 20 дена“, нагласи Силјановска-Давкова.
Задоволство ми е со сигурност да верувам, рече претседателката, дека чекорот што го преземам на Христијан Мицкоски е вистински правен и политички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На полноќ завршува објавувањето резултати од анкети за вториот круг од локалните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува радиодифузерите дека денеска е крајниот рок за објавување резултати од испитувањето на јавното мислење за вториот круг од Локалните избори 2025 година.
Согласно Изборниот законик, анкетите на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на изборите за вториот круг на гласање, односно најдоцна до 24:00 часот на 27 октомври 2025 година.
Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред затворањето на избирачките места.
Македонија
„Влен“: Партијата Левица е сламката за спас на Ахмети, Села и на Таравари
„По секој пораз доаѓа нервоза, а тоа најдобро се виде кај Али Ахмети. Симнат од тронот, излезе да ги навреди Албанците. Почна со „загари“, заврши со „Газиместан“. Ова е вистинскиот Али Ахмети без филтерот на пропагандата и без телепромптерот на Груби“, велат од „Влен“.
„Победите на ВЛЕН во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце, како и водството во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Брвеница и Долнени, целосно го разобличија лажниот патриотизам на тројката во агонија – Ахмети, Таравари и Села.
И ете каде завршија во прегратка со проруската и анти-НАТО партија Левица. Тоа е „сламката за спас“ на Али Ахмети, Зијадин Села и Арбен Таравари.
Кандидатот на НАИ, Арсим Далипи, кој ветуваше повлекување доколку има само еден глас помалку од Менди Ќура, а потоа јавно излажа, денес е во отворена коалиција со партијата на Апасиев.
ВЛЕН одамна укажа на состанокот меѓу емисарот на Али Ахмети, Кренар Лога, и Димитар Апасиев, како дел од планот за нанесување штета на независниот кандидат поддржан од ВЛЕН во првиот круг. Денес сè е на виделина.
Арсим Далипи, со „референдумот“ во рака и со „националната кауза“ во уста, заедно со „патриотите“ Таравари и Села, најдобро докажуваат дека нивната кауза никогаш не била албанска, затоа што оној што се здружува со Левица, ѝ го врти грбот на НАТО, на Западот и на самите Албанци“, соопштуваат од „Влен“.
Македонија
Димитриевски: Ќе воведеме втора целосно бесплатна паркинг-зона во МЗ Панче Пешев и БС Гојчо за сите резиденти на овие месни заедници
Дождот не ги спречи граѓаните да присуствуваат во голем број на локалниот граѓански собир кој се одржа на булеварот Октомвриска Револуција во Куманово, при што сите заедно упатија силна порака: Во недела на избори повторно ќе победат граѓаните на Куманово, а градоначалник ќе биде Максим Димитриевски, бидејќи Куманово заслужува дела, визија и континуитет во развојот на градот, известуваат од ЗНАМ.
На собирот Димитриевски ги информираше граѓаните дека во месната зедница Панче Пешев и БС Гојчо ќе биде воведена втора зона за паркирање која ќе биде во целост бесплатна за паркирање за сите резиденти во тие месни заедници. Воедно ќе се обезбедат повеќе паркинг места и истите ќе бидат уредно обележани и уредени.
Тој упати порака до граѓаните дека на локалитет Табакана ќе бидат тргнати сите времени објекти, и тука нема да се гради зграда како што некој предвидел претходно во урбанистичкиот план. Тука ќе се гради детско катче, нов паркинг простор и дополнителни зелени површини.

Димитриевски ги отфрли шпекулациите дека на локалитет во близина на „СкараКајЖмара“ ќе се гради нова зграда, и информираше дека тоа нема да го дозволи, туку и на таа локација ќе биде изграден спортско рекреативен комплекс со детско катче.
По однос на локацијата кај комплексот згради К4 на бул. Октомвриска Револуција, Димитриевски ги повтори своите ставови дека тука нема да се дозволи изградба на нови згради, и нема да се пробива нова улица, туку ќе се работи на проширување и уредување на паркинг просторот и дополнително целосна реконструкција на детското катче, со нова урбана опрема и други содржини за спорт и рекреација.
Димитриевски ги информираше граѓаните кои живеат по должина на бул. Октомвриска Револуција дека пристапот околу зградите ќе биде партерно уреден и поплочен секаде каде што за тоа постои можност со цел да се уреди и обнови овој дел каде што гравитираат голем број на граѓани.
Продолжувањето на иницијативите на Димитриевски за заштита на централниот дел на градот од непланско и интензивно градење на згради, беа одлично прифатени од сите граѓани, се додава во соопштението на ЗНАМ.

