Спорт
Пред 31 година загина Дражен Петровиќ
Пред точно 31 година, на 7 јуни 1993 година, во сообраќајна несреќа во Германија загина кошаркарскиот Моцарт, Дражен Петровиќ. Легендата на светската кошарка, ден пред трагичната несреќа играше квалификациски натпревар во Полска за репрезентацијата на Хрватска.
Петровиќ по турнирот реши да се врати дома во Загреб со автомобил, со својата нова девојка Клара Саланти и нивниот пријател Хилал Едебал, наместо да се качи авионот со кој репрезентацијата се враќала во Хрватска.
Александар Петровиќ, постариот брат на Дражен, тогаш асистент-тренер на репрезентацијата го информирал тимот дека неговиот брат се враќа со автомобил.
Во 17.20 часот, камионџија од Холандија се излизга на влажниот автопат и влезе во другата лента, додека Саланти го возеше „Фолсквагенот голф“ со Дражен на сопатничкото место во длабок сон.
Камионот беше застанат во трите ленти, а возачот се обидуваше да сигнализира на автомобилите да сопрат. Меѓутоа, Саланти, која возела 160 км/ч ја загубила контролата на возилото и автомобилот удрил во банкината, па во застанатиот камион. Саланти и Едебал преживеаја, додека Петровиќ, кој не бил врзан со заштитениот појас бил фрлен во насоката на камионот и добил фатални повреди на главата.
Денеска на неговиот гроб во Загреб, како и пред споменикот на неговиот роден град Шибеник ќе бидат поставени цвеќиња во одбележувањето на трагичниот ден.
Со прекар „кошкаркарскиот Моцарт“, Петровиќ беше роден во Шибеник на 22 октомври 1964 година. Тој е прогласен за најдобар европски кошаркар во историјата, а остави свој печат и во НБА лигата со Њу Џерси Нетс, со кои имаше просек од 20.6 поени во 36.9 минути на теренот не пропуштајќи ниту еден натпревар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дончиќ: Катастрофа сме
Лос Анџелес Лејкерс го претрпеа третиот последователен пораз. На Божиќ, загубија од Хјустон Рокетс со 96:119 на домашен терен. Лука Дончиќ се врати во тимот на Лејкерси откако беше отсутен поради повреда, но дури ни тој не можеше да му помогне на тимот на Џеј Џеј Редик да ја прекине серијата порази.
„Не знам што треба да промениме, но дефинитивно мора да направиме нешто. Лоши сме во последните три натпревари. Изгледаме катастрофално. Мора да разговараме и да разбереме што треба да направиме. Тренерот ни рече дека ќе биде непријатно. И така треба да биде. Сите мора да дадеме повеќе од себе, јас прв“, рече Дончиќ.
Словенецот, водечкиот стрелец во НБА, го заврши натпреварот со 25 поени, пет скока и седум асистенции, но загуби шест топки. Лејкерси се четврти во поредокот во Западната конференција на НБА со 19 победи и десет порази.
Foto/ freerangestock
Спорт
Рафа Надал: Тренер – не, селектор – зошто да не
Никогаш не вели никогаш, но мали се шансите некогаш да го видиме Рафаел Надал во улога на тренер на врвен тенисер.
„Отсекогаш сум ја почитувал иднината, бидејќи она што некој го чувствува во сегашноста, можеби нема да го почувствува во иднина, но не верувам дека некогаш ќе бидам тренер“, откри кралот на земјената подлога во интервју за шпанскиот „Ас“.
Надал потенцира дека нема намера еден ден да ги следи стапките на многу други големи асови: Борис Бекер, Иван Лендл, Стефан Едберг, Андре Агаси, Горан Иванишевиќ… кои со повеќе или помалку успех работеа како тренери. Тој откри и која е главната пречка:
„Не се гледам себеси постојано на тој пат. Да се биде тренер значи токму тоа, и не се вклопува во мојот сегашен живот. Кога имате мали деца, го гледате животот поинаку“, нагласи Шпанецот кој стана татко по втор пат пред три месеци. Неговиот прв син има три години.
Сепак, овие зборови не значат дека еден ден нема да го видиме Надал, повторно блиску до теренот.
„Селектор во Дејвис Купот или Лејвер Купот, зошто да не? Би било забавно за мене. А можеби и не. Тукушто се пензионирав, прерано е за вакви пресврти. Не размислувам за тоа во моментов“.
Foto/ depositphotos
Спорт
Џеко ја напушта Фиорентина, ќе го тренира легендарен соиграч
Капитенот на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, Един Џеко (39), поминува низ тешки денови во Фиорентина. Не доби вистинска шанса во првиот дел од сезоната, во тимот, кој минатиот викенд, во 16-то коло ја забележа првата победа во Серија А. Со недели се шпекулираше за неговото заминување, и иако навивачите на Каљари се надеваа дека ќе се пресели на Сардинија, се чини дека неговата следна дестинација е Џенова.
Навивачите на Каљари со нетрпение го очекуваа јануарскиот преоден рок, надевајќи се на засилувања што ќе ја свртат сезоната.
Многумина сонуваа за доаѓањето на искусниот Един Џеко како идеален новогодишен подарок, но според последните информации од италијанските медиуми, Џеко е на пат кон Џенова.
Според порталот „Cagliaritoday“, Един Џеко веќе постигнал договор со Џенова и само деталите го делат од потпис на договор.
Клучна улога во трансферот одигра тренерот на Џенова, Даниеле Де Роси, поранешен соиграч на Џеко од Рома. Де Роси ги цени квалитетите на босанскиот напаѓач и е свесен дека неговото искуство може да биде клучно за него во остатокот од сезоната.
Џеко е играч кој може да одлучи натпревар со еден потег, а токму овој профил ѝ недостасува на Џенова. Од друга страна, тој не доби шанса во Фиорентина бидејќи тренерскиот штаб инсистираше на други опции. Во оваа фаза од неговата кариера, седењето на клупата не е прифатлива опција за Џеко, па затоа заминувањето беше логичен чекор.
Foto/ freerangestock

