Скопје
Ѓорѓиевски: Целосно го опремивме Основното училиште „Н. Г. Дуња” со прочистувачи на воздухот
Од денес, Основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ е првото основно училиште на Балканот, целосно опремено со пречистувачи на воздух.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Генералниот директор и основач на ЕКОТИП, Илија Андреевски, денес го посетија овој училишен објект. Таму, во секоја училница е поставен по еден пречистувач од реномираниот германскиот бренд Mann+Hummel, дизајниран да обезбеди 100-процентна заштита од вируси, бактерии, полен и други микроорганизми. Се работи за вредна донација од општествено одговорната компанија ЕКОТИП, со која општина Кисела Вода склучи стратешко партнерство и започна заедничка кампања за имплементирање на најсовремени иновативни еколошки решенија. Едновремено, донацијата опфаќа и дополнителни пречистувачи за воздух за надворешна употреба кои се поставени во парковите, каде има најголем фреквенција на луѓе.

-Како дел од нашата посветеност за подобрување на условите за учење и здравје на нашите деца, тука сме да промовираме проект во ООУ “Невена Георгиева Дуња”, каде од денес сите училници ги опремивме со пречистувачи на воздух. Се работи за пренослив систем за пречистување на воздух дизајниран да ги задржува 99.99% од вирусите, бактериите, поленот и другите микроорганизми, со што се обезбедува чистота на воздухот, идеална дури и за операциона сала. Пречистувачите се од реномираниот германскиот бренд Mann+Hummel, компанија со осумдесет годишно искуство во областа на филтрацијата. Сакам да се заблагодарам на македонската компанија ЕКОТИП која покажувајќи огромна општествена одговорност, ја обезбеди оваа значајна донација. Истата се реализира како резултат на неодамна склученото стратешко партнерство меѓу нас и почетокот на заедничка кампања за имплементирање на најсовремените иновативни еколошки решенија. Партнерството подразбира и кампања за менување на јавната свест и создавање здрави еколошки навики и заштита на нашето здравје и здравјето на идните генерации.
Донацијата се состои и во дополнителни 5 пречистувачи за воздух за надворешна употреба, позиционирани во парковите, кои се најфреквентни локации и ќе овозможат заштита на здравјето на бројните посетители.
Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде пример за другите општини и за Градот Скопје и дека ќе поттикне зголемена свесност за значењето на чистиот воздух за нашето здравје и квалитетот на живот. Општина Кисела ќе продолжи да работи на проекти кои имаат за цел да ја подобрат животната средина и да ја зголемат благосостојбата на сите наши граѓани.

Во истата насока, сакам да потсетам, дека ние, како локална самоуправа ставивме во функција две мерни станици за квалитет на воздухот, едната во паркот Македонија, а втората од неодамна е поставена во кругот на АД Цементарница. Резултатите се видливи во секој момент на општинската веб страница, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
-Посебно ми е драго што нашата компанија ЕКОТИП има можност да покаже општествена одговорност токму во ова училиште, бидејќи и самиот сум роден во Кисела Вода и основното образование го завршив во основното училиште “Невена Георгиевa Дуња“. Имајќи во предвид дека навиките се создаваат од најмала возраст, донираме 20 пречистувачи за воздух, односно по еден за секоја училница. Првите 20 пречистувачи се тип OurAir SQ 2500 и се пренослив систем за прочистување на воздух дизајниран да ги задржува 99.99% од вирусите, бактериите и другите микроорганизми присутни како аеробна честичка во воздухот обезбедувајќи безвирусен, безбеден воздух во речиси секое внатрешно опкружување. Еден уред OurAir SQ 2500 ефикасно го прочистува воздухот во просторија до 200 м², приближно пет пати на час обезбедувајќи чистота на воздухот идеална за училници, градинки, медицински ординации, канцеларии, малопродажни продавници, ресторани, теретани итн. Донацијата опфаќа и прочистувачи за воздух за надворешна употреба, кои општината одлучи да ги постави во пет различни паркови, односно нна локациите каде што има најмногу раздвиженост во текот на денот, изјави Илија Андреевски, Генерален директор и основач на ЕКОТИП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижностите: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес, во Општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи со олеснет пристап на Општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина што силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижностите имаме заедничка цел – да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Иван Живковски, ја гледам како значаен чекор напред бидејќи интегрирањето на системите и размената на информациите ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и на урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде што граѓаните ќе може брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Герасимовски: На буџетскиот форум центарци побараа повеќе зеленило и уредување на потегот кај Зелен пазар
Општина Центар го одржа вториот буџетски форум, каде граѓаните покажаа голем интерес и активно учествуваа во дефинирањето на приоритетите за 2026 година. Форумот, што се одржа во ООУ „Димитар Миладинов“, помина во конструктивна атмосфера со отворена дискусија меѓу администрацијата, раководството на општината, советниците и присутните жители, велат од општина Центар.
Граѓаните предлагаа иницијативи и проекти што им се потребни во секојдневието, што уште еднаш потврдува дека буџетот се гради транспарентно, отчетно и со директно учество на заедницата, извести Општината.

„Гласот на граѓаните и нивните потреби се важни. Тие најдобро знаат што недостига во нивните маала. Нашата работа е да го слушаме секој предлог и да го преточиме во реални проекти“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски, кој пред присутните презентираше што е реализирано во 2025 и плановите за наредната година.
„На работните маси поделени по сектори, граѓаните доставија свои предлози и барања. Во комуналната сфера се дискутираше за хортикултурно и партерно уредување на просторот кај Зелен пазар, санација на подземните гаражи, зголемување и подобро одржување на зелените површини и збогатување на населбите со урбана опрема.

Во областа на образованието беа истакнати потребите за реконструкција на училишните дворови, санација на покриви каде што има протекувања и поставување лифтови во училиштата каде што има реална потреба за подобра пристапност.
Во културата, пак, беа предложени интерактивни аудиовизуелни проекти за ученици, мобилни галерии, скулптурни инсталации и активности со кои се поттикнува креативноста и се збогатува јавниот простор.

Дополнително, дел од управителите побараа санирање на фасадите, по што општинската администрација информира дека во Буџетот на Општина Центар се предвидени субвенции за нивна обнова. Поддршката изнесува 30%, а секоја станбена заедница може да аплицира за финансиска поддршка до 1.000.000 денари, поднесена од заедницата на станари или од мнозинството сопственици.
Жителите околу Зелен пазар го отворија и прашањето за дивите пазарџии, за што градоначалникот посочи дека е потребна засилена инспекција, но и заедничка и координирана акција на повеќе институции, меѓу кои и МВР и Државен Пазарен Инспекторат, за трајно решавање на проблемот.

Форумите, заедно со анкетниот прашалник, се најважните механизми преку кои Општина Центар ги идентификува потребите на граѓаните, обезбедувајќи секој предлог да биде разгледан и да се креира буџет што ги одразува реалните приоритети на заедницата“, се наведува во соопштението на општина Центар.
Македонија
(Видео) Станкоска: Дали со еден стан Орце го реши проблемот на жените жртви на насилство?!
„Со отстапување на еден единствен стан од 30 м², кој наводно е „сè што градот има на располагање“ градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски „го реши“ проблемот со сместувањето на жртвите на семејно насилство. Оваа предлог-одлука предвидува токму тој мал, единствен стан да стане новиот простор за најранливите жени во градот“, велат од партијата Левица.
-Град Скопје нема извршено попис на сопствениот недвижен имот, не постои јасна евиденција што поседува градот, во каква состојба е имотот, колку објекти стојат празни, неискористени или пропаѓаат. А кога институцијата не знае што има, секогаш се прогласува дека „може“ само најмалку, на штета на најранливите, истакна Евгенија Станкоска, советничка од Левица и укажа дека вакво „решение“ е симптом на подлабок системски хаос.
Според неа понудениот стан не претставува решение за овој сериозен проблем, туку понижувачки и импровизиран обид да се создаде впечаток дека проблемот се решава. „Жртвите на семејно насилство не смеат да се третираат како ПР-позадина, туку како сериозна обврска која бара системски пристап и одговорно управување со градскиот имот.“
Во своето обраќање посочи и дека секоја година во Македонија стотици жени пријавуваат семејно насилство, а земјата веќе брои повеќе случаи на фемицид кои остануваат како траен доказ за институционалниот неуспех да се спречи ескалацијата на насилството.
„Во такви услови, Левица одамна предложи законски измени семејното насилство да се гони по службена должност, со што би се спречил притисокот врз жртвите да го повлекуваат пријавувањето и би се обезбедила проактивна државна заштита – но мнозинството во Собранието, предводено од ДПМНЕ, го одби овој предлог“, рече Станкоска и додаде дека токму ова одбивање е доказ дека властите не се подготвени за суштински мерки, туку остануваат на симболични гестови кои не ја менуваат реалноста на жените кои живеат под закана.

