Култура
Десетто издание на Скопје „Синема сити“: визуелените доживувања од настапите на Влатко Стефановски на изложбата The Vlatko Stefanovski Experience

„The Vlatko Stefanovski Experience“, на 26 јуни, во Мала станица ќе вклучи фотографии на Стефан Рајхл, Ангел Ситновски – Бојс, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, како и артефакти и фотографии од архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски – Манде.
„The Vlatko Stefanovski Experience“, е насловена изложбата на фотографии која ќе биде отворена на 26 јуни, во Мала станица, со што ќе биде означен почетокот на 10. Издание на фестивалот Скопје Синема Сити, во организација на Здружението Номад-Арт од Скопје.
Првата деценија на фестивалот кој го негува музичкиот документарен филм Скопје Синема Сити, со групната изложба на фотографии посветени на нашиот гитарски виртуоз, се поистоветува и со 50. годишнината од почетокот на неговата кариера.
„The Vlatko Stefanovski Experience“, на 26 јуни, во Мала станица ќе вклучи фотографии на Стефан Рајхл, Ангел Ситновски – Бојс, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, како и артефакти и фотографии од архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски – Манде.
Изложбата сведочи за многуте концерти на Стефановски низ годините, за соработки и достигнувања, видени низ призмата на реномирани фотографи и колекционери.
Идејното решение на плакатот е на Дијана Димитриевска.
Фестивалот Скопје Синема Сити, во чијшто фокус се музички документарни филмови, оваа година ќе одбележи 10 години постоење. Филмските проекции ќе се одвиваат во Кинотека на С. Македонија од 1 до 5 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.
Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.