Економија
Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика: основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 проценти
На 11 јуни 2024 година се одржа редовна седница на ИО за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чија примена започнува од јуни, обезбедуваат дополнителна поддршка за прудентноста на монетарната политика.
Главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Инфлацијата во мај 2024 година умерено забрза и изнесува 4,5% на годишно ниво, при позитивен придонес за растот како од базичната инфлација, така и од останатите компоненти. Сепак, динамиката на инфлацијата во мај не отстапува од патеката на движење предвидена во рамките на пролетните проекции на Народната банка. Според овие проекции, за целата 2024 година се очекува просечна инфлација од 3,5%. Во однос на цените на примарните производи на берзите, најновите прогнози се ревидирани умерено нагоре, односно се очекува нивен помал пад оваа година, а нестабилниот геополитички контекст и натаму создава неизвесност и нагорни ризици за следниот период. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јуни беше донесена одлука за намалување на основните каматни стапки за 0,25 п.п., во согласност со очекувањата на пазарите. Притоа, ЕЦБ нагласи дека и покрај намалувањето, со новото ниво на каматните стапки сè уште се задржува затегнатоста и претпазливоста на монетарната политика.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.293,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во април 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар во вториот квартал, заклучно со втората декада од мај засега се близу до проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекувањата. Реалниот раст на домашната економија изнесува 1,2% на годишна основа, при натамошен раст и на квартална основа. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на висок реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, а индустриското производство бележи мал пад. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за мај 2024 година, депозитниот потенцијал на банките и натаму расте, слично на очекувањата, при малку посилен кредитен раст од проектираниот.
Општо земено, најновите остварувања кај макроекономските показатели засега се близу до очекувањата од последните проекции, но условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни. Потребно е натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата, како и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и на пазарот на трудот. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, информираат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

