Македонија
Поради високите температури, МОН препорачува основните училишта да работат со скратени наставни часови
Со оглед на високите температури кои ја зафатија територијата на Република Северна Македонија, а имајќи предвид дека наставната година за учениците од основните училишта трае до 17.06.2024 година, Министерството за образование и наука препорачува:
– Основните училишта наставата да продолжат да ја реализираат со скратени наставни часови, но да се внимава да се запази суштината на наставната материја која се изучува;
– Училниците и другите простории кои се користат во училиштето постојано да се проветруваат;
– Да се насочуваат учениците и да им се дава можност да консумираат поголемо количество на вода;
– Да им се препорача на учениците да не консумираат масна храна и храна која содржи поголемо количество на шеќери за време на училишниот ден.
Овие препораки се дел од Општите препораки за заштита од топлотен бран на Центрите за јавно здравје, а согласно Здраствениот акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на граѓаните на Република Северна Македонија, велат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Интензивно се работи на фекална канализација за дел од Кадино
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, денеска направи увид во изградбата на фекална канализација за дел од населеното место Кадино во општина Илинден.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски во рамки на проектот се гради примарна мрежа со припадни краци на фекалната канализација за дел од населеното место Кадино во вкупна должина од околу 3.500 метри, од кои досега се изградени 730 метри и се поставени 19 шахти. Оваа мрежа на фекална канализација преку препумпен уред и потисен цевковод ќе се поврзе со веќе изградената пречистителна станица во н.м. Кадино и ќе ги опфати домаќинствата кои немаат фекална канализација, а се наоѓаат во еден од најниските делови на населеното место и припаѓаат во источниот и јужниот дел од Кадино.
На овој дел од фекална канализација која во моментов се гради предвидено е да се приклучат приближно 100 домаќинства, додека останатите ќе бидат опфатени во наредниот период со изградбата на останатите фази од овој проект, со што населеното место Кадино ќе биде целосно покриено со систем на фекална канализација.
Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени од буџетот на Општина Илинден.
Македонија
Кина ги укина визите за македонските граѓани
Кина објави дека ќе го прошири безвизниот влез за уште девет земји, меѓу кои и Македонија, во обид да ги поттикне туризмот и деловните патувања за да помогне во заживување на економијата.
Почнувајќи од 30 ноември, патниците од Северна Mакедонија, Бугарија, Романија, Малта, Хрватска, Црна Гора, Естонија, Латвија и Јапонија ќе може да влезат во Кина до 30 дена без виза, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан, јавува АП.
Со тоа, бројот на земји на кои им е одобрен безвизен пристап од минатата година ќе се искачи на 38.
Се чини дека додавањето на Јапонија ја одразува недамнешната подготвеност на Кина да ги подобри врските, кои делумно се влошија поради пожестоките разговори од Токио за тајванското прашање. Двете земји постигнаа договор во септември во нивниот спор за испуштањето во морето на пречистената, но сепак радиоактивна вода, од уништената нуклеарна централа „Фукушима“.
За трите месеци, од јули до септември оваа година, Кина забележала 8,2 милиони влеза од странци, од кои 4,9 милиони биле без визи, објави официјалната новинска агенција „Ксинхуа“ цитирајќи конзуларен претставник на Министерството за надворешни работи.
Македонија
Министерството за култура и туризам го објави конкурсот за град на културата за 2025 година
Министерството за култура и туризам денеска го објави конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2025 година“.
На конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во РС Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во градот Скопје.
Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk почнувајќи од 22.11.2024 г. во 14 часот, заклучно со 22.12.2024 г. во 14 часот.
Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање корисниците ќе може да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk (https://uslugi.gov.mk/frequently-asked-questions.nspx), како и преку контакт-центарот на овој национален портал за е-услуги.
Еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам е унапредување и достапност на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините во државава.
Град на културата во 2024 година беше Крива Паланка, која во текот на целата година презентира богата програма и издржан програмски концепт, со разни жанрови и естетика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.