Македонија
Бесплатни прегледи на бенки и промени на кожата денес во Градски парк во Скопје

Бесплатни дерматолошки прегледи на бенки и промени на кожата ќе бидат овозможени денеска и утре од 17 до 21 часот во Градски парк во Скопје, во организација на ДМ маркетите, а идниот викенд вакви прегледи ќе бидат достапни и во Охрид.
Бесплатните прегледи ДМ ги организира втора година, а првиот термин годинава се одржа на 9 јуни во Парк-шумата Гази Баба кога, како што информираат, бил голем одѕивот од граѓани што дошле на проверка кај тим од стручни дерматолози.
Со дерматоскоп се прегледуваат бенките и другите неправилности на кожата за да се утврди општата состојба и типот на кожата, да се забележат пигментни промени или настанување на нови бенки кои може да бидат условени од штетното дејство за сончевите зраци.
„Втора година по ред, ДМ ги повикува сите заинтересирани граѓани на бесплатни дерматолошки прегледи. Иако летото е едно од нашите омилени годишни времиња, поради високите температури и штетните сончеви зраци, тоа со себе носи различни предизвици. Притоа, посебно е важно да обрнеме внимание на тоа како правилно да се заштитиме од УВА и УВБ зрачењето кое може да предизвика промени на кожата, па и оние кои се малигни, неретко фатални“, наведува организаторот на настанот.
Оттаму го пренесуваат апелот на дерматолозите кои алармираат за пораст на случаи на кожен меланом, посебно кај младата популација.
„Согласно статистиките, во 2020 година биле забележани вкупно 325 000 нови случаи на меланом на глобално ниво (174.000 мажи, 151.000 жени), а доколку продолжи досегашниот тренд на појава на меланомот, се проценува дека бројот на нови случаи од меланом ќе се зголеми на 510.000 (приближно зголемување од 50 проценти) до 2040 година. Повеќето случаи на рак на кожата се предизвикани од прекумерна изложеност на ултравиолетовите (УВ) зраци од сонцето или солариум. Превенцијата е од особено значење за заштита од овие заболувања, а редовните дерматолошки контроли на бенките и промените на кожата, како и заштитата од УВ-зрачењата се еден од главните методи“, наведуваат од ДМ.
Идниот викенд (22 и 23 јуни) во период од 16 до 20 часот, односно од 11 до 15 часот, бесплатни дерматолошки прегледи ќе бидат организирани во „Куба Либре“ во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.
Македонија
Филипче: Гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, СДСМ не лаже

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
-Денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток, рече Филипче на Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори 2025 година.
Како што посочи, Македонија не смее да биде дом на малкумина, туку дом на сите.
-Секој глас е важен. Нашиот избор е борба за нашиот дом. Ова е наш дом и ова е наша борба. Македонија не е и не смее да биде дом на малкумина, туку дом за сите. Македонија нема да биде дом каде ние, домаќините, ќе бидеме безгласни, без право на одлука, без право на достоинствен живот во домот. Нашиот дом е нашата Македонија, но и нашата партија, а нашите вредности се темелите на тој дом. И тие темели ќе ги чуваме и јакнеме, рече денеска Филипче.
Тој потенцирање дека борбата за тоа каков дом сакаме, почнува од сега. Притоа правејки паралела за развојот и напредокот со СДСМ и очигледниот застој со ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако се откажеме сите, тогаш иднината ќе ја оставиме во раце на оние кои ја водат земјата назад, во темнината на корупцијата и стравот. Ако пак застанеме заедно, можеме повторно да ја изградиме Македонија како наш заеднички дом. Ние не сме совршени, но сме оние што ја носат државата и граѓаните кон јасна иднина и кои се грижат за реалните проблеми, рече Филипче на Конвенцијата.
Тој исто така порача дека постои нешто поголемо од партијата, а тоа е заедничкиот дом, државата во која сите живеат сите граѓаните. Затоа гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, затоа рече Филипче, СДСМ е онаа која не се повлекува во криза, не лаже, туку се соочува со проблемите.
„Вашиот глас е штит за вашето семејство, за вашите права и за вашата иднина“, порача Филипче.
Македонија
Романец осомничен за тешка кражба во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против романски државјанин, осомничен дека во Скопје извршил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 41-годишник делото го извршил на 21 март, во Ѓорче Петров, кога на дрзок начин и со сила одзел златен ланец со крст од еден оштетен, тргајќи му го од вратот. Потоа почнал да претура по полицата од дневната соба, ја отворил фиоката и одзел 2.500 денари. Така осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 11.500 денари, по што веднаш се дал во бегство.
Имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и до Судот достави предлог за определување мерка притвор.