Македонија
„Едно село – еден производ“, ефикасен начин за промоција на земјоделските производи

Националната федерација на фармери организираше промотивна работилница во Неготино, на која беа презентирани резултатите од проектот „Развој на локалната индустрија во земјоделските региони преку зајакнување на капацитетот за управување и маркетинг“.
Како што соопшти денеска НФФ, проектот е поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и првпат во руралните средини во државава ја воведува методологијата „Едно село – еден производ“ .
„Методологијата ‘Едно село – еден производ’ се покажа како ефикасен начин за промоција на земјоделските производи и нивните преработки, со цел развој на локални бизниси препознатливи во руралните средини. Преку пилот интервенција во неготинското село Тимјаник, каде што се произведува маџун, беше демонстрирана потенцијалната успешност на овој иновативен пристап. Оваа промотивна работилница го истакна значењето на „Едно село – еден производ“ како модел за одржлив економски развој и го потврди потенцијалот на руралните заедници во Република Северна Македонија да создадат квалитетни и препознатливи производи“, соопштуваат од НФФ.
На работилницата со поздравни говори се обратија: Казуја Оцука, амбасадор на Јапонија во државава, Нагашима Маана, претставник на JICA, Горан Стојанов, градоначалник на општина Неготино и Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери.
„Проект менаџерот во НФФ, Билјана Петровска – Митревска посочува дека целта на оваа методологија е да ги поттикне локалните заедници да ги користат своите ресурси и вештини за создавање уникатни производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар. Пристапот не само што придонесува за економскиот развој на одделен регион“, вели Петровска – Митревска, туку исто така обезбедува платформа за зачувување и промоција на производството и наследството на локалните заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од Македонија е околу 30 минути

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од Македонија е околу 30 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски – вечниот политичар без дела, со вечна желба за фотелја, реагира затоа што не беше дел од јахта забавата на Филипче и Заев

„Андреј Жерновски, познат по своите политички прескокнувања и вечна желба да биде „прв во партијата“, повторно се јавува како гласноговорник на СДС, очигледно туркајќи ја агендата за сопствена промоција и позиционирање за иден лидер на партијата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека го анализира ВМРО-ДПМНЕ и измислува анкети по нарачка на партиската кујна на Бихаќка, Жерновски молчи за вистинските скандали кои ја потресоа неговата партија – за јахтите на Заев и Филипче, за апетитите на нивниот олигархиски круг, за милионските тендери и провизии, за клиентелизмот кој ја потопи СДС.
Тој е дел од тажната група вечни политичари кои живеат удобен и комотен живот, а никој не може да се сети на ниту едно нивно конкретно дело или резултат. Политичка неконзистентност и лична амбиција тоа е неговиот единствен „капитал“.
Наместо да држи лекции за економија и политика, нека објасни како тој и неговите ментори ја доведоа Македонија до економски колапс, до историски одлив на млади луѓе и до ниво на корупција невидено во модерната историја.
Жерновски е симбол на политичари кои мислат само на својата фотелја, а секој негов напад врз ВМРО-ДПМНЕ е ништо повеќе од обид да се прикаже релевантен пред партиската база на СДС, во надеж дека еден ден ќе ја заземе лидерската позиција“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на Жерновски.
Македонија
СДСМ: Рамковниот договор е важен документ за мирот, соживотот и градењето заедничка иднина

„Рамковниот договор е важен документ кој стави крај на конфликтот од 2001 година, воспостави мир и отвори поглавје на соживот во градењето заедничка иднина“, велат од СДСМ.
„Освен зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата, суштината на Рамковниот договор е издигнувањето над поделбите, меѓусебно помирување и отворање на вратите за заеднички напредок и еднакви можности на сите граѓани.
Сите политички чинители во земјава треба своите напори да ги вложат во политики коишто ги сплотуваат граѓаните, да работат заеднички за едно современо, демократско и интегрирано општество за сите“, соопшти СДСМ.