Македонија
Сончево и топло со температури до 35 степени
Времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во првите два дена од следната седмица во попладневните часови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Потоа се очекува период на стабилно и топло време со постепен пораст на дневната температура
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Имотот на новиот премиер најдобро зборува во чија корист ќе владее Владата
Премиерот Христијан Мицкоски е оттуѓен од проблемите на обичниот Македонец, кој секојдневно преживува додека неговите владари се луксузираат. Тоа го покажува имотот што го пријавил како личен во Анкетниот лист, според кој, доколку се погледне, веднаш може да се забележи дека новиот премиер, Христијан Мицкоски, е сосема друга, непозната класа од онаа на која припаѓа огромниот дел македонски граѓани – сиромашната, велат од политичката партија Левица преку соопштение.
„Премиерот Мицкоски поседува куќа во Влае, купена за 26,8 милиони денари (450 илјади евра) – имот кој го стекнал со купопродажен договор во 2014 година, кога бил професор на Машинскиот факултет во Скопје.
Пријавил и девизен влог во евра, но без инос?! А дополнително, во Анкетниот лист има пријавено и два часовника со вкупна вредност од над 60 илјади евра, како и уметничка слика, што ја купил дури 10 илјади евра.
Според ова, и не е изненадувачки што во тазе-усвоената Програма за работа на Владата за 2024 – 2028 год. нема мерки со кои ќе се заузда капиталот и ќе се оданочат луксузите во кои „се дават“ македонските богаташи додека народот не може да подмири основни трошоци за живот. Напротив, во оваа програма на новата Влада дури и се предвидува олеснување и ослободување од даноците за богатите, за што теретот за трошокот на државниот апарат повторно паѓа на рамото на работниците.
Со Програмата на новата Влада на чело со премиерот Мицкоски, извесно е дека државата нема да биде ништо повеќе од извршен одбор на владеачката класа. Нивното мнозинство во Собранието само ќе ја преточува волјата на владеачката класа во закон, со што формалноста „еднаквост пред Уставот и законите“ останува само параван зад кој се кријат реалните и огромни класни разлики и нееднаквости меѓу луѓето.
Тоа што избраните и именувани лица како функционери имаат обврска да пријават имотна состојба, која потоа Државната комисија за спречување на корупција ја публикува јавно, до некаде и ни открива кој и во чија корист, навистина, владее со нас, па дури и ни дава потврда за социјалистичката максима дека историјата е борба на две класи – богати наспроти сиромашни!
Сето ова е уште еден показател дека насушно е потребно да се воведе нов олигархиски данок на луксуз за енормно скапите т.н. луксузни добра, кои ги поседуваат и со кои се китат богатите. А токму ваков данок е предвиден во Изборната програма на Левица“, се вели во партиското соопштение.
Македонија
Општината Ѓорче Петров одбележа 103 години од смртта на револуционерот
Општина Ѓорче Петров денеска пред споменикот на патронот Ѓорче Петров во реонскиот парк со пригодна свеченост и положување цвеќе од страна на бројни делегации, одбележа 103 години од неговата смрт.
Ѓорче Петров беше убиен во 1921 година во Софија. Општината со гордост го носи името на револуционерот и идеолог Ѓорче Петров кој поставил здрави темели на кои денеска се потпира Македонецот.
-Петров останува пример за сите нас како се сака и чува својата татковина, Република Македонија. Неговата посветеност кон македонското револуционерно дело, работа, дејност и истрајност е историја за која веќе еден век генерациите учат како е правилно – соопштија од Општина Ѓорче Петров.
Ѓорче Петров, се додава во соопштението од Општината, неизмерно ја сакал Македонија и во своите дела ја опишувал како една од најубавите земји.
-И од тие дела сме учеле сите, а учат и новите млади генерации. Да живее споменот за Ѓорче Петров – подвлекуваат во соопштението од оваа локална самоуправа.
Македонија
Општина Центар распиша Конкурс за избор на идејно решение за нова општинската административна зграда
Општина Центар објави анонимен конкурс за избор на идејно решение за проектирање нова општинска зграда.
Со изградбата на општинската зграда, старите и дотраени бараки во кои сега се наоѓа општинската администрација ќе се заменат со функционален, современ и рационален комплекс што треба да ги задоволи не само општинските, туку и реалните потреби на жителите кои гравитираат во овој простор.
Идејното решение, покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, треба да содржи решение за подземен паркинг со околу 300 паркинг места, како и простор, внатрешен и надворешен, за паркирање на 100 велосипеди.
Со ова ќе се решат актуелните проблеми со стационираниот сообраќај во непосредното опкружување, настанати со половична реализација на претходните плански решенија.
Дополнително, на градежната парцела треба да се предвиди мал плоштад, парк со фокус на влезниот портал од Учителската школа, како и безбедно сообраќајно решение за пристапи и движење на возила, велосипеди и пешаци.
Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за најдоброто идејно решение за новата општинска зграда, и тоа за прво 750.000,00 за второ 400.000,00 и за трето место 300.000,00 денари.
Право на учество на конкурсот имаат правни и физички лица стручни во областа на архитектурата и урбанизмот, а крајниот рок за предавање на трудовите е 27.9.2024 година.