Македонија
Мицкоски ги соопшти петнаесетте предлози со имињата на министри во неговата влада

Мандатарот за состав на влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција ги соопшти имињата за кадровските решенија во новата влада од коалицијата „Твоја Македонија“, што вечерва беа потврдени од Извршниот и Централниот комитет на партијата. Тој рече дека нивна работа е да се врати Македонија на народот и дека доаѓаат убави времиња за народот.
„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врска со единствениот суверен, народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и не чека мнпогу работа. Мора да ги засукаме ракавите оти состојбите се очајни“, изјави Мицкоски.
Тој ги соопшти имињата на новите министри во македонската Влада.
Министер за транспорт и потпретседател на Влада – Александар Николоски
Министер за одбрана – Владо Мисајловски
Министер за финансии – Гордана Димитриовска Кочоска
Министер за надворешни работи и надворешна трговија – Тимчо Муцунски
Министер за локална самоуправа – Златко Перински
Министер за информатичко општество и дигитална трансформација – Стефан Андоновски
Министер за спорт – Борко Ристовски
Министер за енергетика, рударство и минерални суровини – Сања Божиновска
Министер за земјоделие, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски
Министер за култура и туризам – Зоран Љутков
Министер за внатрешни работи – Панче Тошковски
Министер за образование и наука- Весна Јаневска
Министер за политички систем – Љупчо Димовски
Министер задолжен за односи меѓу заедниците – Иван Стоилковиќ
Министер задолжен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите – Шабан Салиу
Мицкоски на прес-конференцијата рече дека ќе биде тешко, но дека ако требало да биде лесно ќе бил некој друг, а не ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска: „Храбриот“ Меџити наместо да дојде во Чаир заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, промовира туѓи проекти

Изет Меџити наместо да дојде во Чаир, таму каде што е најповикан заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, тој се исмева со граѓаните додека промовира туѓи проекти, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по промоцијата на електричните автомобили.
Арсовска вели дека проектот за споделување на автомобили е проект започнат во соработка со приватна компанија и претпријатијата на градот Скопје.
„’Храбриот’ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби“, вели Арсовска.
Срам за Македонија и оваа влада, додава таа, се Изет Меџити и Висар Ганиу.
„Замислете, човек кој стои позади стотици дивоградби, ставил во ризик илјадници граѓани, фалсификувал документи со својот измеќар, сега е вицепремиер и промовира туѓи проекти пред медиумите и граѓаните“, вели Арсовска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари

Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има конкретен план за справување со пожари во претстојната сезона, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Во време на СДС, Заев се сончаше по плажите и не се врати во државата додека во Македонија беснееја пожари. Седум години државата беше оставена без пилоти и со стари возила и технички средства. 7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти. 7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сериозна и целосна трансформација на целиот систем за управување со кризи“, пишува во реакцијата.
Од таму велат дека „Ер тракторите“ моментално се на сервисирање и во краток рок се очекува да има три „ер трактори“ во пресрет на сезоната на пожари.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи посветено и има план за полесно справување во претстојната сезона на пожари“, велат од партијата.
Македонија
Јавно објавен предлог – законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Предлог законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство пристигна во Собранието, сѐ ќе биде јавно и транспарентно, објави пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Само што пристигна во Собранието – Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерството за реализација на инфраструктурните проекти. Ништо нема да биде скриено до јавноста и секој детал ќе биде јавно објавен и транспарентен. Ова е историски договор. Ова е историска работа за нашата држава“, вели Мицевски.
Заедно со граѓаните, додаде тој, се обврзавме на обнова на Македонија и тоа го правиме секој ден.
„Тие се нашиот партнер. Железница, студентски дом, болници, хидроцентрали и многу нови проекти. После стратешкиот договор со Обединетите Американски Држави – ова е уште еден огромен успех за Република Македонија“, рече Мицевски.