Македонија
Мицкоски за предлог-составот за влада: Имаме амбициозен план за реформи и проекти, чија реализација ќе почне од првиот ден
Мандатарот за состав на влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа по седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на јавноста и ги соопшти предлозите за министри во новата влада.
Новата влада ќе биде составена од партиите кои се дел од коалицијата Твоја Македонија, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ. Тоа е влада која има поддршка од електоратот или повеќе од 600.000 гласа освоени на изборите кои што завршија на 8 мај.
Кои се имињата кои ќе бидат доставени од мандатарот Мицкоски до Собранието?
Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт ќе биде Александар Николоски. Прелог за министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоска. Предлог за министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде Тимчо Муцунски. Предлог министер за локална самоуправа ќе биде Златко Перински. Предлог за министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски. Предлог за министер за спорт ќе биде Борко Ристовски. Предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска. Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Цветан Трипуновски. Предлог за министер за култура и туризам ќе биде познатиот актер Зоран Љутков. Предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска.
Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени, Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.
„Имаме амбициозен план за реформи и проекти чија реализација ќе почне од првиот ден. Веќе неколку работи уште непочнати што беа наша главна и основна цел и ветување во време на кампањата ги испорачавме но сега треба да испорачаме и проекти и решенија и да го направиме она што е најважно а тоа е да ја вратиме Македонија на народот. Ова ќе биде влада за тебе, работа за сите вас“, рече синоќа Мцкоски по седниците на ИК и ЦК на партијата.
При изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водев од принципите за чесност, посветеност, рече Мицкоски и додаде дека очекува тие целосно да се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели.
„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а потоа и брзи резултати“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

