Економија
Ангеловска-Бежоска: Народната банка е посветена на одржувањето на ценовната стабилност

Кризите во изминатите неколку години, како пандемијата, енергетската криза и геополитичките тензии претставуваа вистински тест за централните банки. Овие кризи предизвикаа силна инфлациска промена во светски рамки, невидена во изминатите триесетина години. Исто така, економиите со стратегија на стабилен курс на домашната валута, како нашата, се справуваа и со големи притисоци за задржување на стабилноста на домашната валута. Сепак, од крајот на 2022 година се забележуваат поповолни трендови и кај инфлацијата, и на девизниот пазар. Така, просечната инфлација во регионот на Западен Балкан од 16% во октомври 2022 година во првиот квартал оваа година е намалена на околу 3,5%. Исто и кај нас дојде до позначително забавување на инфлациски трендови, а стабилноста на девизниот курс беше задржана, при што нивото на девизните резерви беше зголемено за 40% во споредба со претпандемичниот период. Сепак, потребна е внимателност. Ова беше истакнато од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на 11-тиот регионален самит на гувернери, министри за финансии и директори на даночната администрација, „Финансиската стабилност во услови на слаб економски раст во еврозоната“, што се одржа во Бечиќи, Црна Гора.
Според среднорочните проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се очекува дека инфлацијата во глобални рамки и во регионот на Западен Балкан, вклучително и кај нас, и натаму ќе се намалува, но малку побавно во споредба со претходно. За оваа година, ММФ предвидува дека просечната инфлацијата на Западен Балкан ќе забави сведувајќи се на 3,8%, а за наредната година на 2,7%. Сепак, иако се намалени, ризиците сѐ уште постојат и затоа е потребно натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, учествуваше на панел-дискусијата „Одржување на стабилноста на цените и на банкарскиот систем во неизвесни времиња“, заедно со гувернерите на Црна Гора, Ирена Радовиќ, на БиХ, Јасмина Селимовиќ, на Косово, Ахмет Исмаили, вицегувернерите на српската, хрватската и албанската централна банка, Жељко Јовиќ, Мајкл Фауленд и Лулета Минџози, како и Петар Јовиќ, претседател на Извршниот одбор на „АИК банка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).