Скопје
Во текот на една недела санкционирани 207 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во текот на една недела санкционираа 207 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 10.06. до 16.06.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 111 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 96 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците“, се додава во соопштението на ПОЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски од Карпош: Започна изградбата на спортската училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на поставување камен темелник на спортска училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, општина Карпош.
„Би сакал да изразам задоволство што овој објект добива своја физиономија, беше заглавена процедурата, беше заглавена изградбата и проектот самиот по себе, но еве гледате за колку кратко време можеби недела до две веќе почнува да се извишува и тоа е добро, затоа што е дел од образовниот процес, добро е што жителите на овој дел од градот ќе можат да ја користат оваа спортска сала, но она коешто е најважно, учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе може да добијат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, во ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации, така што тоа е посебно треба да се истакне за овој проект“, кажа Мицкоски.

„Јас му честитам на градоначалникот за успешно завршените подготвителни активност, сега останува на компанијата изведувач. Да се заблагодарам на администрацијата, на советниците, на пратеникот од Карпош којшто работат секојдневно за да овие проекти коишто дел од нив се во некоја полу форма добијат физиономија, добијат форма и во рокот да бидат завршени. Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти затоа што иднината е во најмладите иднината е во децата, образованието на децата ни е најважно и така ќе се однесуваме во годините коишто следат. Уште еднаш честитам и посакувам уште многу вакви проекти да се реализираат“, додаде премиерот.
Изградбата на објектот започна во средината на јануари годинава, а градежните активности се очекува да завршат до мај. Изведувач на проектот е компанијата „Конструктор“, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 63.843.523 денари.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.

