Македонија
(Видео) Мицкоски: Повративме 3/4 од тоа што СДС го имаше кон ДУИ, додека сите работат за Македонија, ќе бидеме еднакви партнери во владата
За неколку дена Македонија ќе ја добие новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период кога се договораше оваа влада внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата Вреди што е ноторна измислица, замислете тие кои коленичеа во Речица кои 7 години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу. Нека биде и така, рече претседателот Христијан Мицкоски на денешната прослава на 34 роденден на партијата.
Мицкоски укажа „сакам да кажам дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата“.
Според Мицкоски ако било кој застрани со криминални или други агенди ќе биде веднаш санкциониран кој и да е, вклучително и од ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде повикан на одговорност додавајќи дека нема да дозволи ВМРО – ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ.
„Ниту па ќе дозволам Вреди да стане тоа што беше ДУИ. Ќе има работа, но и одговорност. И тука никој не треба да има дилеми. И колку и да се обидуваат поразените конкуренти да го одвлекуваат вниманието од вистинските теми, да прават диверзии, чудно да откажуваат кислородните компресори во хируршките сали и да нема операции, да снемува документи по институции, да се измислуваат медицински факултети по приватни фирми на кадри на ДУИ преку ноќ, треба да знаат дека ќе ги решаваме сите проблеми, со голема посветеност“, кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека „додека тие се однесуваат како разгалено дете кое мисли дека го има природното право на фотелјата дадена од народот, додека не бираат зборови и навреди да го омаловажат секој наш чекор, јас одбирам да не се занимавам со нивните валканици, туку да го реализираме она што го ветувавме пред изборите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

