Свет
Путин првпат во Северна Кореја по 24 години: „Ќе ви помогнеме против Америка“
Рускиот претседател Владимир Путин, кој денеска е во посета на Северна Кореја првпат по 24 години, вети дека ќе ги продлабочи трговските и безбедносните врски со Пјонгјанг и ќе ја поддржи Северна Кореја против Соединетите Американски Држави.
САД и нивните азиски сојузници се обидуваат да откријат до кој степен Русија ќе го поддржи севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, чија земја е единствената што тестира нуклеарно оружје во 21 век.
Путин го пофали Пјонгјанг за отпорот на, како што го нарече, економскиот притисок, уцените и заканите на САД сугерирајќи дека Русија, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации со право на вето, го менува својот пристап кон Северна Кореја.
Во написот објавен од севернокорејските државни медиуми, Путин го пофали „другарот“ Ким и вети дека „заеднички ќе се спротивстави на нелегитимните еднострани ограничувања“ и ќе ја развие трговијата и ќе ја зајакне безбедноста во Евроазија.
„Вашингтон, кој одбива да ги спроведе претходно постигнатите договори, постојано поставува нови, сè построги и очигледно неприфатливи барања“, рече Путин во написот објавен на насловната страница на севернокорејскиот весник „Родонг Синмун“, официјалниот весник на владејачката партија.
„Русија секогаш ги поддржувала и ќе продолжи да ги поддржува Демократската Народна Република Кореја и херојскиот корејски народ во нивното противење на подмолен, опасен и агресивен непријател“.
Путин истакна дека Советскиот Сојуз е првата земја што ја признала Северна Кореја, која ја основал дедото на Ким, Ким Ил Сунг, помалку од две години пред Корејската војна во 1950 година.
Севернокорејските државни медиуми објавија и написи во кои ја фалат Русија и ги поддржуваат нејзините воени операции во Украина нарекувајќи ги „света војна на сите руски граѓани“.
Државната посета на Путин доаѓа во време на обвинувањата на САД дека Северна Кореја ѝ доставила на Русија „десетици балистички ракети и над 11.000 парчиња муниција“ за употреба во Украина. Јужна Кореја, цврст сојузник на САД, исто така изрази слична загриженост.
Белата куќа вчера соопшти дека е вознемирена од зајакнувањето на врските меѓу Русија и Северна Кореја. Американскиот Стејт департмент соопшти дека е „апсолутно сигурно“ оти Путин ќе бара оружје за неговата војна во Украина.
Москва и Пјонгјанг негираа дека имало какви било трансфери на оружје, но ветија дека ќе ги зајакнат воените врски, вклучително и потенцијално одржување заеднички воени вежби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски кажа што очекува од Америка ако Русија го отфрли новиот мировен план
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува Соединетите Американски Држави, предводени од Доналд Трамп, да извршат силен притисок врз Русија ако Москва ги отфрли мировните услови договорени со Вашингтон и Европа. Зеленски го изјави ова за време на летот назад од Берлин по вчерашните разговори, објавува Украинска правда.
На прашањето на новинарите што би се случило ако Кремљ ги отфрли договорите што ги финализираат Украина, САД и Европа, Зеленски одговори со доза на хумор.
„Ако Путин отфрли сè, тогаш ќе го имаме она што ни се случува токму сега во авионот – турбуленции. Ова навистина се случува сега“, се пошегува тој. „Но, секако, не е толку сериозно во споредба со војната. И во споредба со она што би се случило ако Путин ги уништи сите дипломатски можности и подготвеноста на Украина, Европа и САД.“
Зеленски објасни дека во ова сценарио би било логично САД да го зголемат притисокот врз Русија и да ја прошират воената помош за Украина.
„Мислам дека Америка би извршила притисок врз Русија со санкции и би ни обезбедила повеќе оружје ако тој одбие сè. Мислам дека тоа би било фер барање од наша страна кон Американците. Бидејќи, според мене, логиката е следнава: ако Американците се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина и да применат силни гаранции ако Путин ги прекрши, тогаш искрено кажете ми како ова се разликува од ситуацијата каде што Путин едноставно не сака да ја заврши војната?“, рече Зеленски.
„Верувам дека би било фер барање од мене како претседател и од некои европски лидери да ни дадат барем дел од тие гаранции за да можеме да се одбраниме од Путин. Воздушна одбрана и оружје со долг дострел“, заклучи тој.
За време на брифингот, Зеленски откри дека по разговорите ќе бидат формализирани пет документи поврзани со безбедносните гаранции и реконструкцијата на земјата. Тој нагласи дека е постигнат „сериозен напредок“ по прашањето на гаранциите и го повтори цврстиот став на Украина дека нема да се согласи на де јуре или де факто признавање на окупираниот Донбас како руска територија. Во меѓувреме, американските медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавуваат дека Вашингтон верува дека „90% од несогласувањата“ меѓу Украина и Русија се веќе решени.
фото/депозитфотос
Свет
Форбс: Богатството на Илон Маск порасна на 677 милијарди долари
Илон Маск стана првата личност чија нето вредност надмина 600 милијарди долари, според пресметките на списанието Форбс објавени во понеделник. Зголемувањето на богатството на Маск беше поттикнато од неодамнешната продажба на акции во вселенската компанија на Маск, SpaceX. Форбс ја искористи цената утврдена во трансакциите за да процени повисока вкупна вредност за компанијата, што пак ја зголеми пресметката на уделот на Маск.
Само неколку часа претходно, Форбс ја процени нето вредноста на Маск на околу 500 милијарди долари. Богатството на Маск е првенствено поврзано со неговите удели во производителот на електрични автомобили Tesla и SpaceX. За разлика од Tesla, SpaceX е во приватна сопственост, што значи дека цената на неговите акции не се одредува на берзата.
Во такви случаи, проценките се базираат на рунди на финансирање или продажба на акции од страна на вработените и можат значително да се разликуваат од конечната пазарна вредност. Врз основа на цената по која вработените можеа да ги продадат своите акции, Форбс ја пресмета вкупната вредност на SpaceX на 800 милијарди долари, што е зголемување од претходната проценка од 400 милијарди долари.
Со оглед на тоа што Маск поседува приближно 40 проценти од SpaceX, ревидираната проценка на Форбс ја зголеми неговата проценета нето вредност на 677 милијарди долари.
Европа
(Видео) Трамп: Искрено, Украина веќе изгуби територија
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е „поблиску од кога било“ откако Вашингтон му понуди на Киев безбедносни гаранции по моделот на НАТО. Трамп, исто така, изрази увереност дека Москва ќе прифати таков договор, објави „Ле Монд“.
Трамп откри дека имал „многу долги и многу добри“ разговори со својот украински колега Володимир Зеленски, како и со лидерите на НАТО и европските земји како што се Велика Британија, Франција и Германија.
„Се обидуваме да го разработиме тоа и мислам дека сега сме поблиску“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба. „Имавме бројни разговори со претседателот Путин на Русија и мислам дека сега сме поблиску од кога било досега, па ќе видиме што можеме да направиме“.
REPORTER: An Article 5-like deal seems to be emerging without NATO membership for Ukraine. If such a security guarantee is offered, what incentive is there for Ukraine to give up any sort of territory?
US PRESIDENT TRUMP: Well, they've already lost the territory, you know, to be… pic.twitter.com/99sx8a6f03
— Status-6 (Military & Conflict News) (@Archer83Able) December 15, 2025
На прашањето дали неодамна разговарал директно со Владимир Путин, Трамп одговори остро: „да, разговарав“, без да навлегува во детали.
Сепак, Трамп се чини дека сугерираше дека во замена за безбедносни гаранции, Украина ќе мора да се согласи да отстапи делови од источниот регион Донбас што сè уште се контролирани од Киев – можност што Зеленски претходно силно ја отфрли.
На прашањето каков поттик ќе има Украина за да се откаже од територија, Трамп одговори: „Па, искрено, тие веќе изгубија територија“.
Тој додаде дека Европа, која и покрај противењето на Русија повторно предложи испраќање мултинационални мировни сили, ќе биде „голем дел“ од секоја безбедносна гаранција.

