Македонија
Венко Филипче: за изборот на најтесното раководство ќе има широка дебата
Венко Филипче, кандидатот за претседател на СДСМ, вчера се сретна со членовите во Ѓорче Петров и Карпош, каде што ја презентира програмата и разговараше со членовите за тоа какви промени се потребни во партијата за да се врати на победничките патеки.
Филипче во своето обраќање се осврна на начинот на кој планира да ја води партијата доколку биде избран за претседател и кои ќе бидат барањата од неговите идни соработници и функционери на СДСМ.
„Јас планирам да водам со пример и ќе очекувам и барам сите функционери да го следат тој пример и начин на однос со луѓето и пристапот во политиката. Јас сум отворен за сите, секогаш достапен и така планирам да работат сите во партијата. Луѓето во партиската структура ќе ги избирам според тоа колку се вредни, професионални, работливи, колку имаат образ и колку се другари. Ова ќе бидат критериумите затоа што сметам дека функционирањето на партијата треба да се професионализира“, истакна Филипче.
На прашањето кои ќе бидат неговите најблиски соработници, тој рече дека е доследен на ветувањето да не најавува однапред членови на идното раководство бидејќи на тој начин може да се формираат групи за поддршка, што, според него, не би било фер кон другите кандидати. Но, за изборот на најтесното раководство ќе има широка дебата и презентација на тимот во општинските организации за да соберат мислења од членовите, со цел да се изберат луѓето со најголема поддршка и кредибилитет.
„Јас не сум разговарал со никого затоа што сметам дека претседателот треба да го прави изборот на раководство по неговиот избор. Но, да знаете дека мојот предлог-тим ќе биде презентиран пред сите општински огранизации. Ќе сакам да слушнам сугестии и дебата за тоа кој ќе го води СДСМ и ако проценам дека одредени луѓе не се соодветно прифатени, ќе изберам други. Мојата цел е, пред сѐ, да имаме луѓе на позиции што ќе ја вратат довербата кај членовите на партијата бидејќи нашето ткиво моментно е загрозено“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

