Спорт
ФФМ од Даку побара да ѝ се извини на македонската држава, а од УЕФА да го казни албанскиот репрезентативец

Фудбалската федерација на Македонија се огласи по повод навредите кои од теренот на стадионот во Хамбург, ги испрати албанскиот репрезентативец Мирљинд Даку.
Даку (26), роден во Гњилане, инаку фудбалер на Рубин од Казан, додека го славеше со навивачите нерешениот резултат на неговата репрезентација против Хрватска (2:2), зеде мегафон и извика „Е..ш Македонци“.
Претходно за време на турнирот, камерите снимија и тетоважа на грбот на Даку, која ја покажува неговата почит командант на УЧК кој загина во 1999 година.
Ooo qifsa maqedonën pic.twitter.com/CWwAi5sqAq
— 𝗦𝗼𝗹𝗮𝗿𝗻𝗶𝗸® 🪬 (@SolarNik) June 19, 2024
„Ја изразуваме нашата длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршување на вчерашниот натпревар Хрватска – Албанија од Европското првенство.
Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот.
Спортот, особено фудбалот е основа за здржување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит.
Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата.
Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА.
Го повикуваме фудбалерот на Албанија, Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика.
Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти.
Нашата посветеност за промовирање единство, почит и фер игра во спортот останува на прво место“.
Сигурно е дека Даку за овој испад ќе биде казнет од УЕФА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јувентус го прекрши финансискиот фер-плеј, УЕФА покрена постапка

Јувентус потврди дека Европската фудбалска унија (УЕФА) покрена постапка против клубот за кршење на финансискиот фер-плеј и очекува да биде казнет.
Јувентус очекува да биде казнет за кршење на правилата на УЕФА, што може да доведе до забрана или ограничување за потпишување нови играчи во сезоната 2026/27, објавија италијанските медиуми.
Црно-белите го потврдија прекршувањето во соопштение поврзано со објавувањето на билансот на состојба за финансиската година што заврши на 30 јуни 2025 година, бидејќи документацијата содржеше потврда дека клубот прекршил параметар од Правилото за заработка на фудбалерите.
На 18 септември, Јувентус доби потврда од УЕФА дека е покрената постапка против клубот за потенцијални прекршувања на правилата во периодите 2022/23 и 2024/25.
Исходот од таа постапка се очекува напролет 2026 година и може да доведе до казна, која не би била голема. Позагрижувачко би било воведувањето ограничувања за потпишување нови играчи за натпреварувањата на УЕФА.
Клубот од Торино во соопштение потврди дека нема понатамошни значајни прекршувања на правилата за финансиски фер-плеј.
Клубот се држеше до коефициентот на трошоци за играчи од 80 проценти за 2024 година и е на добар пат да го исполни ограничувањето од 70 проценти за 2025 година.
Јувентус беше исфрлен од Конференциската лига во сезоната 2024/25, што им овозможи да се ослободат од финансиските неправилности што ги чинеа бодови во Серија А.
Спорт
Пикфорд го продолжи договорот со Евертон

Голманот на репрезентацијата на Англија, Џордан Пикфорд потпиша нов договор со Евертон.
Финансиските детали од договорот не се објавени, но се претпоставува дека со новиот договор, голманот неделно ќе заработува помеѓу 150-180.000 фунти.
Со потпишувањето на новиот договор, Пикфорд стана најплатениот играч на клубот од Ливерпул.
Пикфорд одигра 326 натпревари во дресот на Евертон, од кои 296 беа во Премиер лигата.
Голот на Англија, Пикфорд го бранел 80 пати.
Спорт
ИТФ ќе стане Светски тенис

Меѓународната тениска федерација (ИТФ) објави дека ќе го промени своето име во „Светски тенис“ од 2026 година.
Промената беше усвоена од националните тениски федерации на годишниот состанок на управното тело.
„Промената ќе обезбеди појасен идентитет што е порелевантен за играчите, навивачите, партнерите и засегнатите страни во тенисот низ целиот свет и ќе го усогласи брендот со повеќето од најистакнатите светски управни тела“, се вели во соопштението на ИТФ.
Управното тело на тенисот е основано во 1913 година во Париз, а стана Меѓународна тениска федерација во 1977 година.
Управните тела на бројни спортови ги сменија своите имиња во претходните години, вклучувајќи ги Светска атлетика, Светско пливање и Светски бокс.
„Светскиот тенис подобро го одразува тоа кои сме денес: глобалното управно тело и чувар на тенисот, кои напорно работат со нашите членови за да го обезбедат тенисот“, рече претседателот на ИТФ, Дејвид Хагерти.