Македонија
„ТАВ аеродроми“: Вработените на охридскиот аеродром исчистија 1 километар од брегот на Охридското Езеро

Со слоганот „Чистиме денес, за одржливо утре“, „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, утрово организира акција за чистење по должината на брегот на Охридското Езеро како активен потег кон одржливост и одбележување на Денот на Охридското Езеро, кој е утре на 21 јуни.
Почнувајќи од пешачката патека „Лабино“, преку вливот на реката Грашница во Охридското Езеро, кон плажата Магнус, до вливот на реката Даљан во езерото, во должина од приближно 1 километар, 30-ина вработени од охридскиот аеродром волонтираа во чистењето на крајбрежјето и придонесоа за почиста животна средина.
Волонтерите, вработени на аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид го собраа ѓубрето оставено и насобрано на овие плажи, односно пластиката и хартиениот отпад, отпадоците и другите загадувачи, кои со текот на времето се насобрале на овој дел од брегот на езерото.
„Оваа иницијатива ја одразува посветеноста на ‘ТАВ аеродроми’ за позитивно влијание во заедниците во кои работиме. Во соработка со локалните фактори и Општина Охрид, како и со нашите колективни напори, имаме цел да помогнеме во зачувување на убавината на Охридското Езеро и промовирање култура на еколошка свест“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Кога вработените од охридскиот аеродром завршија со чистењето, според договореното со Општина Охрид, јавното комунално претпријатие ги презеде вреќите со собраниот отпад за соодветно одложување.
Охридското Езеро, дел од светското наследство на УНЕСКО, познато по својата природна убавина и еколошко значење, има посебно место во срцата и на локалното население и на посетителите.
Препознавајќи ја важноста од зачувувањето на ова природно богатство, „ТАВ Македонија“ ги мобилизира своите ресурси за да иницира сеопфатен обид за чистење и да ја промовира еколошката свест еден ден пред Денот на Охридското Езеро.
Иницијативата за чистење е дел од пошироката корпоративна општествено одговорна програма на „ТАВ аеродроми“, која се фокусира на иницијативи што промовираат одржливост на животната средина, развој на заедницата и социјална благосостојба.
Со активно вклучување во проекти корисни за општеството и животната средина „ТАВ аеродроми“ се обидува да ја исполни својата корпоративна одговорност и да придонесе за посветла, позелена иднина за генерациите што доаѓаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваat дека утре ( среда ) поради дефект на приклучна цевка на бул. Партизански Одреди бр. 59а, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од бул. 8 – ми Септември до Франклин Рузвелт. ( општина Карпош )
Македонија
Од утре промена на работното време на јавните површини наменети за зонско паркирање на ЈП Градски паркинг- Скопје

Јавното претпријатие Градски паркинг- Скопје соопшти дека од 1.10.2024 (среда) започнува зимско сметање на работното време на јавните површини наменети за зонско паркирање со кои стопанисува претпријатието.
Работното време во зоните А, Б, Ц ќе биде:
– Од понеделник до петок: 07:00- 21:00 часот,
– Сабота: од 07:00-14:00 часот.
На јавната површина наменета за паркирање зона Д, работното време останува непроменето, односно:
– Од понеденик до сабота: од 07:00- 23:00 часот.
„Им препорачуваме на сите корисници на нашите услуги да бидат внимателни и навремено да извршат наплата при паркирање согласно наведеното работно време“.
Македонија
Алиу: Клиниката за уво, нос и грло со нова медицинска апаратура

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со заменик претседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, Махмут Чевик и амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој, денеска ја посетија Универзитетската клиника за уво, нос и грло каде со поддршка од ТИКА е обезбедена нова медицинска апаратура.
– Клиниката за уво, нос и грло е зајакната со нови електрохируршки инструменти, односно електрокаутери, со коишто се овозможува попрецизна, поефикасна и побезбедна дисекција на ткива и придонесува кон побрзо закрепнување кај пациентите. Ова е значајно за клиниката имајќи предвид дека тука се вршат над 2000 интервенции на годишно ниво. Нашата заложба е унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита, а особено на терциерното ниво каде се третираат најкомплексните случаи, рече Алиу.
Директорот на Универзитетската клиника за уво, нос и грло, Игор Камшикоски упати благодарност до Турската агенција за соработка и координација ТИКА за значајната поддршка во насока на зајакнување на здравствениот систем.