Македонија
Амбасадорите Дејвид Гир и Кшиштоф Гжелчик во Македонски Брод – граѓаните заинтересирани да реализираат проекти со ЕУ-поддршка
Општина Македонски Брод има огромен потенцијал за развој, а во тој процес од голема помош е поддршката од Европската Унија. Ова беа само некои од ставовите на граѓаните на Македонски Брод со кои амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, и полскиот амбасадор, Кшиштоф Гжелчик, вчера имааа отворена средба во Домот на културата. Полска е поврзана со Поречието преку етнологот и научник Јозеф Обребски, кој во минатиот век ги проучувал обичаите на жителите од овој регион, како и преку низа развојни проекти во општината, културна и образовна размена меѓу училиштата и преку неодамнешните економски инвестиции.
Во рамките на своите посети на општините во земјата, освен преку разговори со градоначалниците и советниците, амбасадорот Гир подобро се запознава со животот во локалните заедници токму од размислувањата и од искуствата на граѓаните. Гир и Гжелчик во Македонски Брод ја посетија и пештерата Пешна и имаа можност да ја разгледаат изложбата со фотографии од Обребски.
„Дојдовме во Македонски Брод за да се сретнеме со граѓаните, со Советот на Општината, со градоначалникот и со граѓанските организации и да ги ислушаме. Да разговараме за тоа што за нив е значајно, каков е животот тука и кои се нивните приоритети и предизвици. Дискусиите беа посветени на тоа каков тип инвестиции би можеле да се направат и како би можел регионот да се промовира. Несомнено, врвен приоритет би бил туризмот бидејќи ова е навистина прекрасно место, извонредно за планинарење, искачување и за истражување на пештерите. Преку оваа посета научивме многу и ќе продолжиме да изноаѓаме начини како би можеле да го поддржиме Македонски Брод, но и целата земја“, истакна Гир.
Во текот на посетата на Македонски Брод амбасадорите на ЕУ и на Полска во земјата остварија средба и со градоначалникот Жарко Ристески. Тие исто така се сретнаа и со членовите на Советот на Македонски Брод и со нив разменија мислења за тоа како ЕУ би можела да ѝ помогне на Општината. Значаен дел од посетата беше наменет за разговори со членови и со претставници на граѓанските организации, кои се посветени на активности чија цел е подобрување на животот во општината.
Во текот на отворената средба во Домот на културата граѓаните учествуваа во две активности: „Прашај ги амбасадорите“ и „Сподели ја твојата ЕУ-приказна“. Во рамките на овие дискусии граѓаните отворија низа теми кои се однесуваат на животот во Македонски Брод и како со поддршка од Европската Унија тој би можел да се подобри. Амбасадорот Гжелчик го сподели и полското 20-годишно искуство како земја членка на ЕУ и го дефинира како успешна приказна.
Некои од жителите се интересираа дали и како би можел да се зголеми буџетот за програмата „Еразмус плус“ преку која се поддржуваат проекти од областа на образованието. Тие исто така сакаа да дознаат дали постои можност и на кој начин би биле поддржани активности за руралните жени, односно за унапредување на нивните права и место во општеството. Дополнително, граѓаните искажаа интерес за учество на тренинзи преку кои би стекнале знаења за подготвување проекти финансирани од ЕУ, како и за аплицирање за добивање средства од фондовите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојковска: СДС бара да се скратат спортските субвенции зa 334 милиони денари
На денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска истакна дека пратениците од СДС по вчерашниот поднесен амандман за кратење на спортските субвенции од 300 милиони денари, денеска имаат барање за истата ставка и тоа со кратење на средствата за дополнителни 34 милиони денари.
„Работите се денеска многу појасни за македонската јавност, по вчерашниот амандман којшто беше поднесен, голем број на спортисти исто така и реагираат со коментарите дека тоа е срам којшто се случува, да се скратат средствата за спортските субвенции. Ако вчера со амандман од СДС имавме барање да се намалат спортските субвенции од 300 милиони денари, денеска имаме барање од истата ставка да се скратат средствата за уште 4 милиони денари, од оние претходно побарани 300 милиони денари“, објасни Бојковска и додаде:
„Следува уште еден амандман од истата оваа ставка од 30 милиони денари, или почитувани граѓани за кратење од спортот и спортските субвенции, СДС бара да се скратат средства во Буџетот од вкупно 334 милиони денари. За мене тоа е голем апсурд, и голем срам бидејќи напротив треба да поттикнуваме развој на спортот, спортистите и спортските објекти токму со овој Буџет којшто го разгледуваме сега, имаме големи вложувања и во спортската инфраструктура“.
Македонија
(Видео) Филипче: Судењето за Кочани е тест за целото општество, мора да се води кристално чисто
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, нагласи дека судењето за трагедијата во Кочани е тест за целото општество и затоа мора да се води транспарентно.
„Барам и очекувам процесот да се води отворено, транспарентно, пред очите на целата јавност“, рече Филипче.
Тој додаде дека родителите на жртвите заслужуваат да ја знаат вистината и правда мора да има.
„Ова им го додолжиме на родителите, ова им го додолжиме на сите граѓани, ова го должиме на целото општество. Ова е еден голем тест за зрелоста во нашето општество“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче посочи дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми да се истражи секој детал од оваа трагедија, и тоа е причината поради која што пратеничката група на СДСМ побара Анкетна комисија во Собранието.
Македонија
Департизирана, професионална и европска јавна администрација: Минчев во Рим ги претстави главните реформски приоритети на Владата
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на меѓународна конференција „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“, што се одржа во Рим, каде што имаше свое обраќање во рамките на министерскиот панел посветен на реформата на јавната администрација и европската интеграција.
Настанот, организиран од Министерството за јавна администрација на Италија, Националната школа за администрација на Италија (SNA) и Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА), ги обедини министрите од регионот, високи претставници од европските институции и експерти од областа на јавната администрација.
На конференцијата се обратија италијанскиот министер за јавна администрација Паоло Зангрило, претседателката на Националната школа за администрација Паола Северино и директорката на РеСПА Маја Хаџиска-Трендафилова.
Во своето обраќање, министерот Минчев ги претстави главните реформски приоритети на Владата во областа на јавната администрација и ја истакна стратешката насока на државата во процесот на европска интеграција.
„Нашата цел е да изградиме ефикасна, професионална и транспарентна администрација што ќе биде вистински сервис на граѓаните и носител на европските вредности“, истакна министерот Минчев
Министерот се осврна и на новата законска рамка за јавната служба, посочувајќи дека трите нови системски закони поставуваат темели за современ и европски модел на управување со човечките ресурси.
„Преку новите закони воспоставуваме мерит-систем заснован на професионалност, компетенции и интегритет. Нашата цел е администрација што ќе функционира според правила, а не според исклучоци“, потенцираше Минчев.
Посебен акцент беше ставен на процесот за воспоставување на Законот за високата раководна служба.
„Со овој закон создадовме основа за професионален управувачки кадар избран според заслуги, а не според политичка припадност. Тоа е клучно за стабилно и континуирано функционирање на институциите“, додаде тој.
Во однос на регионалната соработка, министерот истакна дека реформските процеси не можат да се спроведуваат изолирано и дека размената на искуства преку иницијативите на РеСПА претставува значаен поттик за унапредување на административните стандарди во регионот.
Министерот Минчев на крајот нагласи дека јавната администрација треба да биде движечка сила на промените, нагласувајќи дека професионалноста и дигитализацијата се клучните механизми што ја зајакнуваат довербата и го поттикнуваат европскиот напредок. Тој порача дека Министерството ќе продолжи проактивно да ги спроведува реформите што ја подигнуваат ефикасноста, транспарентноста и одговорноста на институциите, со единствена цел, администрација што вистински им служи на граѓаните и ја води државата напред кон Европската Унија.

