Свет
Путин и се закани на Јужна Кореја
Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Јужна Кореја дека ќе направи „голема грешка“ доколку ја вооружи Украина во војна против Русија.
Неговите коментари доаѓаат откако Сеул рече дека ја разгледува таквата можност, како одговор на новиот договор меѓу Русија и Северна Кореја за взаемна помош во случај на „агресија“ врз која било земја.
„Москва ќе донесе одлуки кои веројатно нема да му се допаднат на сегашното раководство на Јужна Кореја, доколку Сеул одлучи да испорача оружје на Киев“, изјави Путин за новинарите.
Рускиот лидер зборуваше во Виетнам, набргу по раскошната посета на Пјонгјанг каде потпиша договор за заемна одбрана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Сеул претходно го осуди договорот како закана за националната безбедност, а советникот за национална безбедност Чанг Хо-Џин рече дека неговата земја планира „да го преиспита прашањето за поддршка на Украина со оружје“.
По изјавите на Путин, од кабинетот на јужнокорејскиот претседател во петокот соопштија дека ќе разгледаат „различни опции“ за снабдување на Украина со оружје и дека нивната позиција ќе зависи од тоа како Русија ќе му пристапи на ова прашање.
Властите, исто така, планираат да го повикаат рускиот амбасадор во Јужна Кореја за да поднесат официјален протест, објави новинската агенција Јонхап, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.
Иако Јужна Кореја обезбеди хуманитарна помош и воена опрема за Украина, таа досега одбиваше да обезбеди смртоносно оружје поради нејзината официјална политика да не ги вооружува земјите во војна. Некои во Украина се надеваа дека зголемувањето на воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг ќе го принуди Сеул да го преиспита својот пристап. Аналитичарите претходно изјавија дека Киев ќе ја искористи посетата на Путин на Пјонгјанг за да го зголеми притисокот.
За време на посетата, Ким Јонг Ун, исто така, вети „целосна поддршка“ за руската инвазија на Украина. Има се повеќе докази дека Русија веќе користи севернокорејски ракети во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: ОН не направи ништо за да помогне со катастрофата во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на својата социјална мрежа „Тру соушал“ објави дека им честита на лидерите на Тајланд и Камбоџа за постигнатото примирје, кога двете земји се согласија во саботата да ги прекинат неколкудневните гранични конфликти.
Во соопштението, Трамп остро ги критикуваше Обединетите нации, наведувајќи дека организацијата „многу малку помогнала“ во решавањето на глобалните конфликти, додека особено ја истакна „катастрофата што моментално се случува меѓу Русија и Украина“.
„Обединетите нации мора да почнат да стануваат активни и вклучени во светскиот мир!“, рече Трамп.
Се очекува Трамп подоцна денес во својот дом во Мар-а-Лаго да разговара за рамката за мировен договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Свет
Фајненшл тајмс: Зеленски предлага демилитаризирана зона во Донбас
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да нареди повлекување на украинската војска од делови на Донбас, но само доколку истото го стори и Русија, со цел да се воспостави демилитаризирана зона, што е дел од американскиот нацрт-мировен план. Оваа информација Зеленски ја споделил со западните лидери за време на видеоконференција одржана пред неговото патување во Соединетите Американски Држави, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според два извора запознаени со разговорите, Зеленски не очекува Москва да се откаже од своите барања и има намера да го поттикне американскиот претседател Доналд Трамп да го засили притисокот врз Русија. Меѓу неговите приоритети се обезбедување стабилно финансирање за вооружените сили и дополнителна поддршка за противвоздушната одбрана, а наводно се залага и за присуство на европски сили на украинска територија.
Зеленски повторил дека какви било територијални отстапки се можни исклучиво со одлука на народот на референдум, кој би морал да се одржи во безбедни услови и по воспоставување прекин на огнот. Тој се осврнал и на прашањето за нуклеарната електрана Запорожје, предлагајќи таа да биде ставена под меѓународна управа и со електрична енергија рамноправно да ги снабдува двете страни во конфликтот.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски пред средбата со Трамп: Многу работи можат да се решат пред Нова година, одлуката зависи од партнерите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев прави сè за да ја заврши војната со Русија, но дека на крајот одлуката за мир ќе зависи од неговите партнери.
„Ова се едни од најактивните дипломатски денови во годината и многу работи можат да се решат пред Нова година, а ние правиме сè за таа цел, но дали ќе се донесат одлуки зависи од партнерите“, напиша Зеленски на комуникациската платформа Телеграм пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида.
Тој додаде дека украинските партнери треба да го зголемат притисокот врз Москва „за Русите да ги почувствуваат последиците од нивната агресија“.
Зеленски, кој доцна синоќа пристигна на Флорида со својата делегација, се среќава со Трамп за да се договори план за завршување на војната во Украина. Тој им се заблагодари на сите што ѝ помагаат на Украина.
Зеленски објави дека за време на средбата во резиденцијата на Трамп во Флорида, планира да разговара за судбината на спорниот регион Донбас во источна Украина, како и за иднината на нуклеарната централа Запорожје.
Depositphotos

